Skip to content

Трамп Помлади два дена ловел во Монголија со Путиновиот олигарх што му платил дел од свадбата, а амбасадата на САД платила 18.715 долари за хотелите на обезбедувањето

1 мин. читање
Сподели
Трамп Помлади два дена ловел во Монголија со Путиновиот олигарх што му платил дел од свадбата, а амбасадата на САД платила 18.715 долари за хотелите на обезбедувањето

Кон крајот на август Доналд Трамп Помлади, синот на американскиот претседател, слетал во Улан Батор, а потоа отпатувал неколку стотини километри до ловечки камп на запад од Монголија. Таму поминал два дена во друштво на рускиот олигарх Умар Кремлев, близок со Владимир Путин, и неколкумина водичи, возачи и готвачи. Тоа го открил Financial Times, врз основа на изјави од локални водичи и службеници, податоци за летови, објави на социјалните мрежи и јавно достапни документи.

Додека синот на претседателот ловел, американската амбасада во Улан Батор платила 18.715 долари од буџетот за хотелски соби за агентите на Тајната служба што го обезбедувале, од 23 август до 6 септември. Како член на потесното семејство на претседателот, Трамп Помлади патува со постојана заштита – на државна сметка.

Кој е Кремлев

Кремлев (43) е роден во Таџикистан како Умар Лутфулоев, а презимето го сменил во 2010 година. Пред тоа руските судови го осудиле во 2004 година за изнуда, а во 2007 и за физички напад. Набргу по промената на идентитетот се приклучил на озлогласената бајкерска група „Ноќни волци“, каде што се зближил со Алексеј Рубежној, човекот што денес ја води личната претседателска служба за обезбедување на Путин.

Тоа познанство му ги отворило вратите на боксот и на високата политика. Во 2020 година стана претседател на Меѓународната боксерска асоцијација (IBA), во која веднаш стигнаа пари од рускиот државен гигант Газпром, а Путин лично го одликува со Орден на пријателството. Минатата година Кремлев го презеде и Rolf, најголемиот синџир на автосалони во Русија, со указ со кој Путин ја изземал компанијата од државна сопственост.

На 27 август Кремлев ја напуштил прес-конференцијата на IBA во Казахстан и со ноќен чартер лет заминал за Улан Батор, а оттаму право во кампот на претседателовиот син. Со него дошол и рускиот бизнисмен Артур Мартиросов, партнер во фондот за ризичен капитал „Восход“, кој е под американски санкции. Еден од учесниците раскажал дека Трамп Помлади и Кремлев во кампот внимавале да не се фотографираат заедно.

Трамп Помлади останал во Монголија уште една недела и продолжил да лови во покраината Бајан-Улгиј. Според еден од водичите, тој застрелал алтајски аргали, дива овца од загрозен вид. Според податоците на Financial Times, од 2019 година наваму во Монголија убил уште најмалку две такви овци. На крајот се сретнал и со монголскиот претседател Ухнаагиин Хурелсух, средба што неговиот портпарол ја опиша како неофицијална, со разговори главно за активности во природа.

„Личен пријател“

Ловот следувал набргу по свадбата на Трамп Помлади во мај, на приватни острови на Карибите. Истражувачкиот портал ProPublica претходно објави дека токму Кремлев покрил дел од трошоците за прославата, вклучително и закупот на еден од островите и огнометот. Претставникот на Трамп Помлади го опиша Кремлев како „личен пријател“, со кого го поврзуваат боксот и природата, а не бизнисот.

Поранешниот висок функционер на ЦИА, Ден Хофман, гледа сериозен безбедносен ризик: „Речиси е невозможно Кремлев да има каков било контакт со семејството Трамп, а руските служби да не знаат за тоа однапред.“ Олигарх што плаќа огномет на свадба, ловечки камп далеку од камерите и американски даночни обврзници што го плаќаат хотелот на обезбедувањето. Ако ова се случеше со синот на некој балкански премиер, колку брзо ќе се отвореше истрага?