Skip to content

Данокот на имот во Скопје повторно „ќе се плаќа електронски“, иако градскиот систем е-Даноци веќе постои

1 мин. читање
Сподели
Данокот на имот во Скопје повторно „ќе се плаќа електронски“, иако градскиот систем е-Даноци веќе постои

Скопјани наскоро ќе можат „повторно“ електронски да го поднесуваат и плаќаат данокот на имот. Така барем најави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во гостување на радио Лидер: Град Скопје работи на нова платформа, која подоцна би се поврзала и со националната мобилна апликација за дигитални услуги.

Зборот „повторно“ е клучен. Андоновски сам потсети дека пред околу десет години постоеше порталот skopje.gov.mk, преку кој граѓаните го следеа својот имот и ги плаќаа обврските. „Проблемот во Македонија е што многу од работите што функционираа до 2017-2018 година, престанаа да функционираат со текот на времето“, рече тој, наведувајќи го и Катастарот, кој некогаш издаваше електронски имотни листови, па се врати на шалтер.

Но Град Скопје и денес има систем за електронско управување со даноците. Преку системот е-Даноци граѓаните и фирмите можат да ги видат даночните решенија, да ги платат обврските и да поднесат барања до градската администрација без да одат на шалтер. Значи, не станува збор за услуга што не постои, туку за нова платформа покрај постојната.

Проблемите во меѓувреме се реални. Во Карпош, решенијата за данокот на имот за 2026 година станаа достапни на порталот на Градот дури во октомври, иако дел од нив биле изготвени уште во јули. Како причини беа наведени технички проблеми, повторна процена на имотите и промени во начинот на доставување.

Што ќе се случи со постојниот систем, дали ќе се надградува или ќе се гради нов од почеток, кога ќе профункционира и колку ќе чини – тоа засега никој не кажа. Самиот министер признава дека државните дигитални услуги знаат да се лансираат, а потоа тивко да згаснат. Дали овој пат некој ќе се обврзе на рок?