Skip to content

Седница за пратенички прашања без ниту едно прашање: паузите ги изедоа двата часа на опозицијата, министрите ги немаше

1 мин. читање
Сподели
Седница за пратенички прашања без ниту едно прашање: паузите ги изедоа двата часа на опозицијата, министрите ги немаше

Седница закажана за опозициски пратенички прашања. Три часа подоцна – ниту едно поставено прашање. Наместо тоа: две паузи од по еден час, довикувања, навреди, среден прст покажан кон опозицијата и трета пауза што спикерот Африм Гаши ја прогласи без да каже кога седницата ќе продолжи.

Сè почна со празните владини клупи. Координаторката на пратеничката група на ДУИ, Рина Ајдари, побара министрите да влезат во салата, наместо да седат во собраниското бифе. Има прашање за министерот за правда Јетон Шасивари, најавено пред три недели, а министерот го немало. Побара еден час пауза за Владата да се појави. Гаши одговори дека министрите се повикани и дека опозицијата „сама си го крати времето“.

Тука е клучот. Деловникот ѝ гарантира на опозицијата два часа за прашања. Гаши паузата ја пресмета во тие два часа. Потоа пратеникот на ЗНАМ, Даниел Стојчевски, побара уште еден час пауза, тврдејќи дека премиерот и министрите биле присутни и дека сме „единствена држава во светот“ каде опозицијата бара пауза на сопствениот инструмент. Опозицијата му довикуваше дека не биле тука. Резултатот: двата часа „поминаа“, а прашање немаше.

Од опозицијата реагираа остро. Оливер Спасовски од СДСМ бараше од Гаши да каже по кој член од Деловникот паузата се смета за работно време. Борис Крмов од Левица се закани дека или ќе има прашања колку што предвидува Деловникот, или нема да има седница воопшто, со констатација дека министрите ги мрзи не само да дојдат, туку и да напишат дека нема да дојдат. Халил Снопче од Алијансата за Албанците рече дека демократијата не се мери со должината на паузите, туку со просторот што ѝ се дава на опозицијата. Од мнозинството, пак, порачаа дека опозицијата ги саботира сопствените прашања и „се плаши од вистината“.

Двете страни може да се расправаат кој ја почнал играта. Но инструментот постои за една работа: Владата да одговара пред Собранието. Ако министрите не се во салата, а паузата за да се повикаат се одзема од времето на опозицијата, кој тогаш ја контролира Владата? И колку седници вака треба да поминат за пратеничките прашања да станат формалност на хартија?

Контекстот е уште поиндикативен ако се погледне што следува. По седницата за прашања е закажано продолжението на 129. седница, со измените на Законот за јавните набавки. Според критичарите, тие го креваат прагот за набавки без тендер од 5.000 на 10.000 евра и го тргаат критериумот „најниска цена“. Закон за трошење јавни пари на дневен ред – во ден кога никој од Владата не одговори ниту на едно прашање.