Skip to content

Anthropic вработува сè помалку почетници: уделот на јуниори меѓу новите технички вработувања паднал од 27 на 9 проценти, а времето на состаноци по вработен пораснало за петтина

1 мин. читање
Сподели
Anthropic вработува сè помалку почетници: уделот на јуниори меѓу новите технички вработувања паднал од 27 на 9 проценти, а времето на состаноци по вработен пораснало за петтина

Anthropic, компанијата зад моделот Claude, објави извештај за сопствените вработени – и тој звучи како предупредување што компанијата сама си го потпишала. Од почетокот на 2025 година, уделот на помладите кадри (јуниори) во техничките оддели паднал од 21 на 14 проценти. Кај новите технички вработувања падот е уште поостар: од 27 на 9 проценти. Со други зборови, од десет новопримени инженери, помалку од еден е почетник.

Самата компанија го претставува ова како показател за тоа како вештачката интелигенција ќе ги смени организацијата на работата, вработувањето и побарувачката на работна сила „низ целата економија“. Ако е така, прашањето е едноставно: каде ќе го научат занаетот луѓето што денес завршуваат факултет, ако првото скалило на кариерата го зема машината?

Техничките тимови сега се 56 проценти од вработените, наспроти 61 претходно. Anthropic тоа го објаснува со природното ширење на деловните функции како што фирмата расте, но и со алатките за програмирање преку кои и вработени без техничко знаење сами прават софтвер. Компанијата тврди дека по човек се пишува повеќе код, се затвораат повеќе продажби и се обработуваат повеќе договори. Истовремено признава дека повеќе код не значи нужно подобар код или поголем ефект за бизнисот – но знаци за пад на квалитетот, вели, не забележала.

Најинтересниот дел се луѓето. Еден вработен опишал „вечен притисок“ во компанијата да се оди што побрзо и Claude да се користи речиси за сè. Во анкета од април 2026 година, 27 проценти од вработените рекле дека со Claude станале попродуктивни, а 20 проценти дека нивната работа се префрлила од вистинско работење кон управување со Claude. Еден инженер тоа го споредил со чување деца: секое дете ти носи своја грижа и бара исто толку внимание како и другите.

Извештајот вели дека човечкото внимание и расудување стануваат тесно грло: Claude произведува огромни количини текст, а некој мора да ги прочита и подреди. И тука доаѓа иронијата. Според податоците од календарите, времето што еден вработен го поминува на состаноци е зголемено за 20 проценти во однос на лани, а кај техничките кадри за 16 проценти. Објаснувањето на компанијата е довербата и одговорноста меѓу луѓето, а вработените повеќепати ја нарекуваат координацијата лице в лице неопходна.

Значи, машината ја пишува работата, а луѓето седат и разговараат за неа. Тоа е сликата од внатрешноста на една од компаниите што најгласно ја продаваат автоматизацијата. Дали младите програмери на Балканот ќе го добијат своето прво скалило – или ќе стигнат на пазар од кој тоа скалило веќе е тргнато?