Skip to content

Цвеќарниците „Роза“ по години пропаѓање: Градот ветува реконструкција и фер цени за букетите

1 мин. читање
Сподели
Цвеќарниците „Роза“ по години пропаѓање: Градот ветува реконструкција и фер цени за букетите

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека по долгогодишна запуштеност повторно ќе профункционираат цвеќарниците на ЈП „Паркови и зеленило“ – „Роза“ на булеварот „Илинден“, наспроти фонтаната „Лотос“, и цвеќарницата кај Министерството за економија. Според него, веќе течат активностите за нивна темелна реконструкција.

„Скопје ги памети местата во кои започнуваа убавите моменти. Градските цвеќарници беа дел од тие спомени, таму младенците ги избираа букетите за својот најважен ден, се купуваше цвеќе за честитки, за благодарност и за радост во нечиј дом“, напиша Ѓорѓиевски. Цвеќето и услугите, вели, ќе бидат понудени по максимално пристапни и фер цени.

Фотографиите од „Роза“ покажуваат што значи „долгогодишна запуштеност“ во пракса: објект прекриен со графити. Градско јавно претпријатие со години имало имот на прометен булевар што само пропаѓал. Добро е што некој конечно се сетил. Уште подобро би било да се знае колку ќе чини реконструкцијата и кога цвеќарниците повторно ќе ги отворат вратите.

Носталгијата е убав повод. Колку други градски објекти уште чекаат некој да се сети на нив? И дали обновата на „Роза“ е почеток на поширока проверка на градскиот имот што пропаѓа, или уште една убава приказна за социјалните мрежи?