Skip to content

Хокон Норвешки полни 53: наследникот што ги преживеа сите бури, освен онаа со посинокот зад решетки

1 мин. читање
Сподели
Хокон Норвешки полни 53: наследникот што ги преживеа сите бури, освен онаа со посинокот зад решетки

Хокон Норвешки наполни 53 години, и додека Норвешка сè уште се радува на успехот на репрезентацијата, наследникот на престолот ги слави роденденот на начин на кој се навикнал: тивко, без драма, со лице што не открива што се случува зад него. А зад него се случи многу.

Последните две години беа најтешките за норвешкиот двор во поново време. Мариус Борг Хејби, посинокот на Хокон, во прв степен беше осуден на четири години затвор за сексуални деликти. Комуникацијата на сопругата на престолонаследникот, Мете-Марит, со Џефри Епстин излезе на виделина. Здравјето на кралот Харалд и кралицата Соња се влоши. За една институција што живее од сликата на стабилност, ова беше бура од која малкумина би излегле цели.

Хокон избра пристап што ретко се гледа кај моќните: не се скри. Го задржа редовниот распоред, се појавуваше пред камерите, комуницираше макар и штуро – но комуницираше. Не бегаше, не молчеше зад ѕидовите на дворецот. Во свет каде секој политичар при прв скандал вика адвокати и исчезнува, ова делува речиси старомодно.

Случајот со Мариус е она што останува отворено. Посинок што пораснал во кралска резиденција, но правно останува анонимен граѓанин без династички права – ги живееше привилегиите без обврските. Одбраната, чии извори на финансирање не се јасни, вложи жалба. Втора пресуда не се очекува пред 2027 година. Првите недели од притворот ги помина во кралскиот имот Скаугум, што покажува дека и во затвор има затвори од различна класа.

Прашањето што виси над сето ова не е дали Хокон ќе ги преживее скандалите – тоа веќе го покажа. Прашањето е дали Мете-Марит може да седне на престол со син зад решетки. Хокон одговори без двоумење: идната монархија ја вклучува неа или воопшто нема да се случи. Истиот ултиматум што татко му Харалд го постави за Соња, разведена жена од граѓанско потекло, пред половина век. Уште еден залог за љубов, во стилот на семејството.

Наследничката Ингрид Александра се враќа во Осло и се подготвува уставна измена за да може да ја преземе улогата на регент до крајот на годината. Планот за преминот е зацртан. Хокон ги затвори речиси сите кризи освен онаа што ќе го придружува до тронот. За човек што никогаш нема да го достигне легендарниот статус на дедо му Улав V, водачот на отпорот во војната, ова е сосема пристоен резултат – да ја одржиш институцијата цела кога сè наоколу пука.