Skip to content

Четири шпански актерки и едно видео што никој не го бара: новата серија за дигиталниот кошмар

1 мин. читање
Сподели
Четири шпански актерки и едно видео што никој не го бара: новата серија за дигиталниот кошмар

Четири шпански актерки, една приказна што секој ја препознава, и снимка што никој не ја бара, но сите ја гледаат. Новата серија „Cabeza Alta” не почнува со убиство ниту со мистерија – почнува со интимно видео што излегува на интернет без дозвола.

Приказната е адаптација на успешната италијанска серија „A testa alta”. Вероника, ценета директорка на училиште што години работи со тинејџери токму на превенција од дигитална зависност, се буди во кошмар: снимено видео, објавено без нејзина волја. И тоа што почнува како лично понижување, се отвора во нешто поголемо – уцена, скриени интереси, истрага што оди далеку зад самиот клип.

Леонор Вотлинг ја игра Вероника. „Она што е најважно тука не е поводот, туку реакцијата на ликот”, вели таа – како жената чиј свет се руши се обидува да го задржи достоинството додека светот ѝ суди. Паз Вега ја игра Сесилија, сестрата, наредничка во Цивилната гарда, која нема ни трошка сомнеж дека тоа што ѝ се случило на сестра ѝ е злосторство. „Не е одмазда, туку правда”, вели.

Силвија Абаскал и Лусија Хименес ја заокружуваат екипата – едната како академска директорка и блиска пријателка на Вероника, другата како адвокатка што го разоткрива прашањето зад видеото: зошто тоа видео, зошто тој момент, кој стои зад тоа.

Но најинтересно е кога актерките зборуваат за себе. Сите четири признаваат дека имаат оптоварен однос со социјалните мрежи. Вотлинг се опишува како „многу приватна”, Абаскал вели дека „заборава да слика, заборава видеа, а за селфи да не зборуваме”. Хименес отишла толку далеку што напишала филм за односот на генерацијата З со екраните. „Ние родителите полудуваме”, вели.

И тука серијата удира најсилно. Вега на своите деца постојано им повторува: „Никогаш не праќај нешто за што утре би зажалил.” Совет што звучи едноставно, а е речиси невозможен за генерација што расте со телефон в рака. Абаскал додава реченица што вреди повеќе од цела серија: „Овие работи постојат затоа што луѓето ги консумираат.” Прекрасен потсетник дека секое видео што некој го гледа – има цена што ја плаќа некој друг.