Skip to content

Кнежевиќ повика на востание ако Подгорица ги прифати хрватските услови за ЕУ, а долгот кон Загреб би го враќал со продажба на бубрези

1 мин. читање
Сподели
Кнежевиќ повика на востание ако Подгорица ги прифати хрватските услови за ЕУ, а долгот кон Загреб би го враќал со продажба на бубрези

Милан Кнежевиќ најде нов противник од кого вели дека треба да се брани Црна Гора – сопствената влада. Прорускиот и просрпски пратеник во црногорското Собрание оваа недела повика на „востание“ доколку Подгорица ги прифати осумте услови што Хрватска ги постави во пристапните преговори на Црна Гора со ЕУ. Говорот се совпадна со самитот на Европскиот совет во Брисел, каде хрватскиот премиер повтори дека Црна Гора мора да ги исполни условите ако сака да ги заврши преговорите до крајот на годината.

„Ќе се кренеме на востание ако го направат тоа. Да го браниме суверенитетот на државата, да ја браниме Превлака ако треба, но овој пат нема да ја браниме Превлака од Хрватите, туку од Владата“, рече лидерот на Демократската народна партија. Неговиот список на „капитулации“ е долг: бродот „Јадран“, 17 милиони евра отштета, Превлака, имот во Бока Которска и промената на името на базенот „Зоран Џими Гопчевиќ“.

Потоа следуваше предлог што балканскиот парламентаризам долго ќе го памети. Хрватска бара 2,7 милијарди евра за воен имот од сукцесијата на поранешна СФРЈ – бројка што минатата недела ја спомна хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман. Кнежевиќ „пресметал“ како да се врати долгот: Црна Гора има 520.000 жители, бубрег на црниот пазар чини 50.000 евра, па ако секој продаде по еден, ќе се соберат 2,6 милијарди, а за остатокот кавачкиот и шкаљарскиот клан да позајмат по 50 милиони евра. „И да влеземе во Европската унија како еднобубрежници, целото население“, рече тој.

Пресметката, впрочем, не штима ни како пресметка. 520.000 бубрези по 50.000 евра се 26 милијарди, а не 2,6 – десет пати повеќе од она што пратеникот го кажа од говорницата. Но говорот не беше за математика.

Заврши со реченица од која и по балкански мерила застанува здивот: „Дал Бог сите да ве качат на тој „Јадран“ и да ве пратат во Лора или да ве кренат во воздух.“ Лора е поранешна воена база во Сплит, позната по логорот во кој во деведесеттите биле малтретирани и убивани заробеници. Тоа му го порача на парламентарното мнозинство на сопствената држава.

Кнежевиќ не е маргинална фигура. Тој со години беше еден од лидерите на Демократскиот фронт, кој се противеше на влезот на Црна Гора во НАТО и се залагаше за блиски односи со Србија и Русија. Беше меѓу обвинетите за обидот за државен удар на изборите во 2016 година, а правосилно е ослободен во февруари 2026. Хрватска во јули 2024 го прогласи за непожелна личност, заедно со претседателот на црногорското Собрание Андрија Мандиќ и тогашниот вицепремиер Алекса Бечиќ – откако Собранието усвои резолуција за геноцидот во Јасеновац, Дахау и Маутхаузен.

Најлесно е говорот да се отпише како фолклор. Но условите се реални, а хрватскиот премиер во Брисел јасно стави до знаење дека без нив нема завршување на преговорите до крајот на годината. Така Црна Гора стои меѓу сосед што бара да се платат долговите од деведесеттите и пратеник што ја нуди целата нација на црниот пазар. А Македонија, која патот кон Брисел го знае напамет, може само да праша: колку уште балкански земји ќе влегуваат во Унијата со билатерален список во рака?