Skip to content

Два и пол милиони денари за социјалната сигурност на земјоделките, по 100.000 денари за мајчинство: доволно за најмногу 25 мајки

1 мин. читање
Сподели
Два и пол милиони денари за социјалната сигурност на земјоделките, по 100.000 денари за мајчинство: доволно за најмногу 25 мајки

Министерот за земјоделство Борче Серафимовски дојде во Струмица на одбележувањето на Меѓународниот ден на руралните жени и ја кажа реченицата што се очекува на ваков настан: „Руралната жена секогаш ќе ја добива поддршката од државата“. Потоа ги изнесе бројките. И токму бројките кажуваат колку таа поддршка е голема.

Првата е мерката 115 – „Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство“. Стопанствата запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, во кои носител или член е жена, можат до 13 ноември да аплицираат за кофинансирање до 360.000 денари за опрема за преработка и доработка на примарни земјоделски производи и за услуги поврзани со деловниот план. Барањето се поднесува на хартија – лично во писарницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој или по препорачана пошта. Во 2026 година.

Два и пол милиони денари за мајчинство – за колку жени?

Втората бројка е уште поинтересна. Надоместокот за мајчинство за жените што вршат земјоделска дејност изнесува вкупно 100.000 денари за девет месеци. Средствата за таа програма, вели министерот, со ребалансот се зголемени од еден на два и пол милиони денари. Простата сметка вели дека два и пол милиони денари, поделени на 100.000 по жена, се доволни за најмногу дваесет и пет мајки. Во државата, според Единствениот регистар на земјоделски стопанства, има 129.226 земјоделски стопанства и 29.971 жена, од кои 3.918 се помлади од 40 години.

Претседателот на Националната федерација на фармери, Стеванче Јорданоски, го кажа она што министерот го заобиколи: „Економската независност не може да постои без основна социјална сигурност“. Федерацијата бара траен законски механизам за социјална заштита на земјоделките при мајчинство и боледување, како и обуки и подобар пристап до пазари. Земјоделките на настанот го потврдија тоа што секој мал производител го знае: нова машина не вреди многу ако производот не стигне до купувач.

Една од учесничките на панелот, Вустасова, беше најдиректна: мерките „кои се скроени не се соодветни на нивните потреби“. Министерот вети дека гласот на жените ќе има поголемо влијание врз одлуките. Добро. Првиот тест е едноставен: дали следната година надоместокот за мајчинство ќе стигне до повеќе од 25 жени од цела земја?