Skip to content

Хакери ги извадија бројките што Москва ги крие: над 450.000 загинати Руси во Украина, војната четврта причина за смрт во Русија

1 мин. читање
Сподели
Хакери ги извадија бројките што Москва ги крие: над 450.000 загинати Руси во Украина, војната четврта причина за смрт во Русија

Москва не објавила официјални бројки за загинатите на фронтот од септември 2022 година, а секоја независна проценка ја отфрла како неверодостојна. Сега бројката излезе од нејзината сопствена институција. Според податоците што протекоа од руската државна агенција за статистика Росстат, во војната во Украина загинале над 450.000 Руси. Со тоа војната, од 2022 година, станала четврта најчеста причина за смрт во Русија.

Податоците не ги објави Кремљ, туку хакери. Од 29 октомври до 1 ноември Росстат бил цел на сајбер-напад од групите Белоруски кибер-партизани и Silent Crow, кои во Русија се забранети како „екстремистички организации“. Тие оставија пораки на насловната страница на агенцијата и однесоа податоци за економијата, демографијата и воените загуби. „Ова е досега најзначајното протекување на податоци за руските жртви“, изјави Јанис Клуге, раководител на одделот за Русија и Евроазија во Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања.

Бројката од 450.000, пресметана од Silent Crow, ги вклучува и цивилите загинати во воздушни напади и во украинскиот упад во Курската област во 2024 година. Белоруските кибер-партизани, со поинаква методологија, бројат 393.881 загинати. Ниту една бројка не ги опфаќа исчезнатите, ниту околу 27.000 странски борци регрутирани во руската армија. Независна проверка на 50 случајно избрани имиња од базата не можела целосно да го потврди целиот сет, но бројките се совпаѓаат со други проценки: британското Министерство за одбрана во септември објави дека над половина милион луѓе загинале борејќи се за Русија.

Деталите се уште потешки од збирот. За споредба, Советскиот Сојуз во деветгодишната војна во Авганистан изгуби околу 13.000 војници. Во Украина, на секој освоен километар територија загинале 6,2 Руси. Во 14.160 случаи смртта не е од борба, туку од болест, сообраќајка или самоубиство, а над 32.000 луѓе умреле од рани добиени најмалку година дена претходно. Дури 72 отсто од смртните случаи се во таканаречената Донецка Народна Република, каде само во десетмесечната битка за Бахмут загинале над 20.000 руски војници.

Цената не ја плаќаат сите подеднакво. Етничките републики на Русија се непропорционално погодени од мобилизацијата, а Москва и големите градови имаат помал удел во жртвите отколку што би одговарало на нивното население. Истражувачката Марија Вјушкова политиката на регрутирање кај најмалите етнички групи ја нарекува „истребување на цели народи“. Мажите ги привлекуваат плати какви што нивните региони не ги нудат, обештетувања за семејствата во случај на смрт, а некои и излез од затвор.

Клуге смета дека економското влијание е мало, затоа што станува збор за околу половина процент од работоспособното население. Но политичкото е големо: „Не може да се каже дека Русија победува ако губи население со ова темпо“. Балканот добро знае колку долго една држава може да го крие вистинскиот број на своите мртви. Колку години ќе требаше да се чека на оваа бројка, да не беа хакерите?