Skip to content

„Тинекс“ продаден на компанија од Приштина: брендот останува, цената на зделката – тајна

1 мин. читање
Сподели
„Тинекс“ продаден на компанија од Приштина: брендот останува, цената на зделката – тајна

„Тинекс“ повеќе не е во македонски раце. Синџирот супермаркети што повеќе од три децении беше дел од секојдневието на купувачите е преземен од „Проекс Интернационал“, компанија од Приштина, која претходно го презеде и „Интерекс“ од француската групација „Интермарше“. Новиот главен извршен директор е Лиридон Бериша, менаџер од Косово со 18 години искуство во малопродажбата.

Соопштението за преземањето е полно со убави зборови. „Тинекс ќе остане Тинекс“, ветува новиот сопственик: брендот и идентитетот остануваат, а приоритети се целосно снабдени полици, конкурентни цени, поширок асортиман и сигурна услуга. Основачот Владимир Тодоровиќ се збогува со реченицата „Тинекс заслужува нова сила и нови инвестиции за да расте“. Промената, според деловните извори, се однесува на целиот малопродажен бизнис – брендовите „Тинекс“, „СуперТинекс“, „Тинекс Деликатес“, „Конто“ и „Спот“.

Она што го нема во соопштението е цената. Колку чинеше еден од најпознатите домашни трговски синџири, кој е инвестиција „стратешка и долгорочна“, остана непознато. Кога еден од најпознатите синџири маркети менува сопственик, купувачот има право да знае барем рамката на зделката – и дали ќе има последици за вработените и за добавувачите.

На социјалните мрежи продажбата веќе доби и национален тон, со коментари дека е „непатриотски“ синџирот да се продаде „на некој однадвор“. Но капиталот нема пасош, а купувачите во маркетот ќе мерат по една работа – што има на полиците и по која цена. Ако новиот сопственик ги исполни ветувањата за поевтини и подобро снабдени продавници, малкумина ќе прашаат од каде е. Ако не ги исполни, ниту името „Тинекс“ на влезот нема да помогне.

Вистинското прашање е друго: дали оваа продажба е знак дека домашните трговци веќе не можат или не сакаат да растат сами, и кој ќе биде следниот голем македонски бренд што ќе го смени газдата?