Skip to content

Шест полицајци суспендирани за тепањето кај Сарај: МВР призна неправилности, синдикатот раскажува сосема друга приказна

1 мин. читање
Сподели
Шест полицајци суспендирани за тепањето кај Сарај: МВР призна неправилности, синдикатот раскажува сосема друга приказна

Шест полицајци ќе бидат суспендирани и ќе одговараат дисциплински за тепањето на двајца млади од Сарај, на возраст од 21 и 23 години. Тоа го соопшти МВР, четири дена по настанот од 7 октомври – и откако фотографиите од претепаните момчиња веќе ги имаше објавено една политичка партија.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, според соопштението, утврдил „низа неправилности“ во постапувањето на полициските службеници. Основа се снимките од настанот и изјавите на сведоци. Се зборува за прекумерна употреба на физичка сила и нанесени телесни повреди при преземање полициски овластувања.

Хронологијата е позната до здодевност. Прво ДУИ ги објави фотографиите од момчињата, потоа и видео за кое тврди дека е од местото на настанот – снимено оддалеку, без звук, низ магла, со полициски ротациски светла во позадина и неколку луѓе што удираат со клоци и тупаници. Дури тогаш внатрешната контрола тргна да проверува. Кога институцијата реагира откако партиите ќе го направат случајот политичко прашање, граѓанинот добива порака дека правдата зависи од тоа кој ќе крене врева.

Во целата приказна има и втора верзија. Независниот синдикат на полицијата тврди дека станува збор за акција против трговија со дрога: осомничените најпрво се обиделе да ги прегазат полицајците, потоа одзеле службено оружје од еден од нив, а при бегството предизвикале неколку сообраќајни незгоди на автопатот Скопје – Тетово, каде се здобиле со повредите. Според синдикатот, дрогата била пронајдена при дополнителна проверка, а националната припадност на полицајците е ирелевантна.

Двете верзии не можат да бидат вистинити во целост. Ако момчињата навистина се повредиле при бегство и сообраќајки, зошто самото МВР утврди неправилности кај шест свои службеници? А ако синдикатот има информации за дрога, одземено оружје и обид за прегазување, зошто тие не се дел од официјалното соопштение на Министерството?

Кривичниот дел од приказната допрва следи. Обвинителствата издале наредби за вештачење, а по документирањето на доказите, како што велат од МВР, ќе бидат поднесени „соодветни поднесоци“. Дисциплинската постапка и суспензијата се внатрешна мерка – не пресуда.

Прашањето што останува е едноставно: дали јавноста ќе ги види снимките врз кои МВР ја донесе одлуката, или и овој случај ќе заврши со соопштение, суспензија и тишина додека вниманието не се префрли на следниот скандал?