Skip to content

Западнонилска треска: Гази Баба прска вонредно, а Битола ги завршила сите редовни третмани

1 мин. читање
Сподели
Западнонилска треска: Гази Баба прска вонредно, а Битола ги завршила сите редовни третмани

Општина Гази Баба спроведе итна дополнителна дезинсекција против возрасни комарци поради зголемениот број регистрирани случаи со западнонилска треска. Третманот опфати критични и приоритетни локации, а превентивното дејствување ќе продолжи и во наредните дена.

„Секторот за заштита и спасување, во соработка со Центарот за јавно здравје, спроведе итна дополнителна теренска адултицидна дезинсекција на повеќе локации низ Општина Гази Баба”, соопшти градоначалникот Бобан Стефковски. Тој порача дека нема причина за паника, но дека се неопходни претпазливост и одговорност.

Апелот до граѓаните е конкретен: да не оставаат садови и површини со застојана вода во дворовите, на терасите и околу домовите, бидејќи тоа се идеални места за размножување на комарците.

Битола реагира на епидемија во Скопје

Приказната не запира во Скопје. Општина Битола најави дополнителна вонредна дезинсекција, иако до 9 август таму се веќе реализирани сите редовни активности – три ларвицидни и три адултицидни третмани, според податоците на Центарот за јавно здравје Битола.

Причината за дополнителните мерки е прогласената епидемија на западнонилска треска на дел од територијата на Скопје. Дополнителниот ларвициден третман во Битола е закажан за 19 август, а адултицидниот од 23 до 27 август.

Ларвицидниот третман ги напаѓа ларвите во местата за размножување, адултицидниот ги таргетира возрасните комарци. Комбинацијата е стандардна и во учебниците стои дека функционира – ако се спроведе на време.

Тука е и целата поента. Битола ги завршила сите планирани третмани и сепак мора да прави вонредни, бидејќи епидемија е прогласена на друго место. Тоа значи дека планот бил направен за нормална сезона, а сезоната не е нормална. Комарците не ја признаваат општинската граница, а буџетот за дезинсекција очигледно ја признава.

Граѓаните повторно се повикани да отстранат застојана вода од дворови, тераси, саксии и садови, да користат заштитни мрежи на прозорците и лична заштита од убоди. Тоа е совет што вреди да се послуша. Но кога државата ја префрла превенцијата на сопственикот на саксијата, вреди да се праша што правеше институцијата во јуни.