Skip to content

OpenAI прави свој чип со Broadcom: помалку зависност од Nvidia, повеќе контрола врз сѐ

1 мин. читање
Сподели
OpenAI прави свој чип со Broadcom: помалку зависност од Nvidia, повеќе контрола врз сѐ

OpenAI веќе не сака да зависи само од туѓ хардвер. Компанијата претстави свој прв чип, дизајниран заедно со Broadcom и наречен Jalapeño, наменет специјално за нивните системи за вештачка интелигенција. Партнерството беше најавено уште во октомври, а намерата е јасна како ден: помалку потпирање на скапите графички процесори на Nvidia, кои денес ги диктираат и цените и достапноста во целата индустрија.

Чипот сѐ уште се тестира, но според компанијата првите резултати покажуваат значително подобар сооднос на перформанси по ват од постојните решенија на пазарот. Тоа во превод значи едно – помала сметка за струја кога моделите работат, што во свет каде дата-центрите голтаат енергија како мали градови не е ситница.

Jalapeño е направен за таканаречената инференца – процесот кога веќе изграден ВИ-модел одговара на барањата на корисниците во реално време. Потешките работи, како обучувањето на моделите од нула, веројатно и понатаму ќе одат преку Nvidia. Но дури и мало намалување на трошокот по операција, помножено со милиони барања дневно, се претвора во сериозни пари.

Логиката зад потегот ја објасни претседателот на OpenAI, Грег Брокман: „Имаме длабоко разбирање на работното оптоварување. Баравме специфични задачи што се недоволно опслужени и прашувавме како да изградиме нешто што ќе го забрза тоа што е можно.” Зад секоја ваква изјава, сепак, стои поедноставна сметка: кој го прави чипот, тој ги контролира трошоците – а кој ги контролира трошоците, ја контролира иднината на бизнисот.

OpenAI со ова го следи патот што Google и Amazon веќе го изодеа со свои ВИ-забрзувачи. Сликата е поголема од еден чип: компанијата веќе гради модели, производи и дата-центри, а сега и силиконот под нив. Кога една фирма ја држи целата вертикала од чип до апликација, прашањето за остатокот од пазарот не е дали ќе може да конкурира, туку дали воопшто ќе има простор да дише.