Skip to content

Војна на пруги: Русија уништи над 200 украински локомотиви со ефтини дронови

1 мин. читање
Сподели
Војна на пруги: Русија уништи над 200 украински локомотиви со ефтини дронови

Војната во Украина одамна не се води само на фронтот – таа сè повеќе се води на пруги, во депоа и врз локомотиви. Русија ги насочи дроновите-камикази од типот „Геран” (познати и како „Шахед”) кон украинската железничка мрежа, погодувајќи локомотиви наменети за превоз на оружје во регионите Дњепропетровск и Харков.

Бројките ја кажуваат вистинската размера. Според украинскиот вицепремиер за обнова Олексиј Кулеба, од почетокот на годината Русија оштетила или уништила над 200 локомотиви и извела повеќе од 1.000 напади врз железничката инфраструктура. Тоа не е случајно бомбардирање – тоа е стратегија. Кој ги контролира пругите, ги контролира и логистиката, и снабдувањето, и брзината со која оружјето стигнува до фронтот.

Руското Министерство за одбрана, како и обично, соопшти кратко и самоуверено: „Како резултат на ударот, сите цели беа погодени”. Ваквите изјави секогаш треба да се читаат со резерва – тие се дел од војната исто колку и самите дронови. Но фактот што Киев отворено признава загуба на стотици локомотиви покажува дека штетата е реална, не пропаганда.

Зошто ова е важно и надвор од Украина? Затоа што покажува како изгледа модерна војна – евтин дрон од неколку илјади долари уништува локомотива што чини милиони и парализира цела логистичка низа. Тоа е лекција што ниту една армија во регионот не смее да ја игнорира. Инфраструктурата што ја земаме здраво за готово – пруги, мостови, депоа – во војна станува прва мета. А одбраната од рој ефтини дронови сè уште е проблем за кој никој нема лесен одговор.