Skip to content

25 помилувани за Илинден: објавени се имињата, но не и причините

1 мин. читање
Сподели
25 помилувани за Илинден: објавени се имињата, но не и причините

По повод Илинден, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова донесе одлука за помилување на 25 осудени лица. Шестмина се целосно ослободени од понатамошно издржување на казната, а на деветнаесет им е намален остатокот.

Целосно се ослободени Илин Анушев од Скопје, Трајчо Танчев од Кавадарци, Амир Саити од Чегране, Гостиварско, Борче Настески од Тажево, Македонски Брод, Благојче Петрески од Прилеп и Амин Хајчоски од Осој, Кичевско.

Кај останатите деветнаесет намалувањата се движат од пет месеци до година и половина. Најголемото намалување, од една година и шест месеци, го доби Јмер Шефије Јакупи од селото Зајас, Кичевско.

Одлуката е донесена врз основа на член 84 од Уставот и Законот за помилување, и влегува во сила веднаш по донесувањето.

Правото постои, објаснувањето недостасува

Помилувањето е уставно право на претседателот и не подлежи на согласност од друга институција. Тоа не е спорно. Спорно е нешто друго: објавени се имињата и должините на намалувањата, но не и причините.

Помилувањето не е автоматска божиќна честитка – тоа е поединечна одлука за поединечен човек, донесена по нечие барање и по нечија оценка. Кога јавноста го добива само списокот, а не и образложението, ѝ останува само да гледа дваесет и пет имиња и да претпоставува.

Тука не станува збор за сомнеж дека нешто е сокриено. Станува збор за тоа што држи една институција над сомнеж – а тоа е образложението. Двадесет и пет реченици би биле доволни.