Skip to content

Знаме на ИСИС во Скопје, кошница од 69.432 денари, Чебрен и договорот со Икарус

1 мин. читање
Сподели
Знаме на ИСИС во Скопје, кошница од 69.432 денари, Чебрен и договорот со Икарус

Снајпер и знаме на ИСИС од 12 скопски адреси

Автоматски пушки, снајпер, пиштоли, тактички елек и официјално знаме на ИСИС. Тоа е списокот од 12 локации низ Скопје, меѓу кои Сингелиќ, Чаир и Брест, по заедничката акција на МВР, АНБ и Обвинителството за организиран криминал и корупција. Пет лица се лишени од слобода, а против првоосомничениот К.И. (34) е поднесена кривична пријава за тероризам. Според МВР, тој индоктринирал млади уште од 2023 година.

Најтешката реченица во соопштението не е за оружјето. АНБ вели дека верските објекти каде што се практикува радикалниот ислам и онлајн-радикализацијата се „иницијални тригери“ за регрутација на младите. Ако службите ги знаат тие места, што се презема таму пред следната заплена?

Посредник со Софија, а на листата за патокази Македонија ја нема

Неколку дена пред посетата на Урсула фон дер Лајен, Скопје бара разговорите со Бугарија да продолжат со европски посредник на масата. Во истото време Политико пишува дека ЕУ подготвува патокази за пристапување за Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија – без Македонија. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека тоа е нелогично и дека неговите информации се поинакви.

Македонија е кандидат од 2005 година, Украина и Молдавија од 2022. Посредникот ќе значи нешто само ако има јасен мандат и рок. Без тоа, добиваме уште еден шалтер со европски печат.

Инфлацијата „за половина“ пониска? Бројките велат петтина

На митингот во Брвеница Мицкоски рече дека инфлацијата кај нас е „50 отсто пониска“ од европската. Бројките што самиот ги наведе, 2,6 наспроти 3,2 отсто во август, даваат разлика од околу една петтина. А пониската инфлација не ги враќа цените назад, само ги крева побавно. Синдикалната минимална кошница во септември стигна 69.432 денари, над 20.000 денари повеќе од просечната нето-плата од 48.499 денари.

Брана, дата-центар, национален парк – и бројките што ги нема

Чебрен е идеја од 1964 година. По 14 неуспешни тендери, државата сега сама ќе биде инвеститор, а камен-темелникот е најавен за следната година. Мицкоски ја спомнува американската DFC како заинтересирана институција, но затворена финансиска конструкција нема, а самиот премиер признава дека проектот „ќе трае повеќе влади“.

Сличен образец има и кај дата-центарот од најмалку 100 милиони долари: ветувања за техничка вода од подземни извори и затворени системи за ладење, но колку литри и колку мегавати, засега никој не кажува. Пелистер доби договор за државни пари за пожари, патеки и еко-туризам, а сумата ја нема никаде во соопштението. Најстариот национален парк во Македонија заслужува да се знае со колку државата навистина го чува.

Договорот со Икарус излезе по месец прашања

Договорот за 150 електрични автобуси вреди речиси 60 милиони евра и е потпишан на 9 септември, но јавноста го виде дури по месец дена прашања. Првите 30 автобуси треба да стигнат до март 2027. Скопјани ќе поверуваат во роковите кога ќе го видат првиот автобус.

Бит Пазар и Шуто Оризари: чистење со рок на траење

Инспектори, комуналци и полиција го расчистија булеварот од „Мавровка“ до Бит Пазар: одземени се 500 килограми храна, отстранети се сите диви тезги. Колку долго тротоарот ќе им припаѓа на пешаците, е друго прашање.

За една недела од диви депонии во Скопје се собраа 915 кубни метри отпад, а во канализацијата во Шуто Оризари завршиле гуми и текстил. Бесплатен центар за кабаст отпад постои, но шумата и каналот сè уште се нечиј прв избор.

Пелагонија изгуби над 16.000 млади меѓу два пописа

Регионот остана без повеќе од 16.000 млади на возраст од 15 до 29 години. Одговорот засега е Регионалната платформа за млади: 24 предложени мерки, од кои 13 веќе реализирани. Министерот Ѓоко Велковски сака моделот да се примени во сите плански региони. Добро е што младите конечно се прашуваат, но дали некој заминува поради недостиг на младински совет, или поради платата и станот?

Телма: вишок со само едно име

Според ССНМ, новата систематизација во Телма укинува само едно работно место – она на Боби Христов. Синдикатот целосно застанува зад долгогодишниот уредник. Кога „технолошкиот вишок“ има само едно име, тешко е да се поверува дека станува збор само за реорганизација.

Просечната општина е отворена 39 отсто

Индексот на отвореност за 2026 година покажува дека просечната општина во Македонија е отворена само 39 отсто, еден процентен поен помалку од лани. Прва е Крива Паланка со 73. Најдобрите користат дигитална платформа, но отвореноста не се решава со апликација.

Калининград, Ту-95 и францускиот потег

Преку неформален документ испратен до Брисел, Русија порача дека за Калининград е подготвена да го употреби „целиот арсенал“, а руската амбасада во Лондон отворено го спомена нуклеарното оружје. НАТО ја осудува „неодговорната нуклеарна реторика“. Во Амурската област падна руски стратешки бомбардер Ту-95 и шест луѓе загинаа, а првата верзија за „транспортен авион“ не издржа долго.

Франција сели 2,5 милиони државни компјутери од Windows на Linux, откако Microsoft му го блокираше пристапот до е-поштата на главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд. Европа почна да прашува каде ѝ се чуваат податоците. Дали некој на Балканот го поставува истото прашање?

Спортот: 607 минути без гол и Червар повторно во Европа

Македонската репрезентација веќе 607 минути не знае за гол, без погодок од ноември лани, а селекторот Седлоски бара трпение. Поубава слика доаѓа од ракометот: Пелистер вечерва го отвора европскиот поход, со Лино Червар на клупата на 76 години.

Потешкиот дел од денот има заеднички именител: најавите стигнуваат пред бројките. Браната чека финансирање, дата-центарот не кажува колку струја ќе троши, за Пелистер сумата не е објавена, а автобусите засега имаат рок само на хартија. Кај акцијата против ИСИС прашањето е потешко: дали ќе заврши со пресуда, или само со уште една фотографија од оружје на маса?

Следете нè на: