Skip to content

Пелагонија меѓу два пописа изгуби повеќе од 16.000 млади: Битола нуди модел, министерот го сака за цела држава

1 мин. читање
Сподели
Пелагонија меѓу два пописа изгуби повеќе од 16.000 млади: Битола нуди модел, министерот го сака за цела држава

Повеќе од 16.000 млади на возраст од 15 до 29 години. Толку Пелагонија изгубила за две децении, меѓу последните два пописа. Тоа е бројката што стоеше зад завршниот настан на проектот „Младински политики по мерка на младите“ во Офицерскиот дом во Битола, иако не таа беше во центарот на говорите.

Проектот на Про Локал, заедно со партнерски граѓански организации и сите девет општини од регионот, ја создаде Регионалната платформа за млади. Логиката е едноставна, а за македонски услови речиси необична: младите ги посочуваат проблемите и предлагаат решенија, општините ги претвораат во мерки и обезбедуваат пари, а граѓанските организации следат дали нешто навистина се случува. По пет сесии усвоени се 24 мерки, од кои 13 веќе се реализирани – од образование, спорт и јавен превоз до ментално здравје, волонтерство и младинско претприемништво.

Еден пример е поддршката за менталното здравје на младите во Битола – мерка што произлезе директно од она што младите го побараа. Во рамки на проектот е изработена и првата национална проценка за тоа како Законот за младинско учество и младински политики функционира во пракса.

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, дојде со јасна порака: моделот треба да се примени во сите плански региони. „Младите не се само иднината. Тие се сегашноста на оваа држава и мора да имаат свое место во процесите во кои се носат одлуките што директно го определуваат нивниот живот“, рече тој.

Градоначалникот Тони Коњановски вели дека целта е младите да останат во Битола и да се вратат оние што заминале, за што, според него, има „позитивни трендови“. Бројки за тие трендови не беа понудени.

Тука е суштината. Тринаесет реализирани мерки се вистински почеток, а платформата во која младите се прашуваат, а не само се спомнуваат во говори, заслужува да се прошири. Но прашањето останува отворено: дали младиот човек од Пелагонија заминува поради недостиг на младински совет, или поради платата, станот и перспективата што ги нема?