Skip to content

46 пожари за еден ден, во октомври: гори кон Кораб, на Шара и во боровите шуми кај Липково

1 мин. читање
Сподели
46 пожари за еден ден, во октомври: гори кон Кораб, на Шара и во боровите шуми кај Липково

Во недела, 4 октомври, до 19 часот Центарот за управување со кризи регистрираше 46 пожари на отворен простор. Шеснаесет од нив сè уште беа активни, еден беше ставен под контрола, а 29 беа изгаснати. На календарот е октомври, а билансот личи на август.

Најголем дел од активните пожари горат на ниска вегетација, но не сите. Во Дебарско огнот оди од селото Татар Елевци кон Кораб и гори кај селото Бањште, каде горат смрека, папрат и трнливи грмушки. На Шар Планина, над Боговинско Езеро, гори пасиште. Во Липково два пожари зафатија борова шума кај селата Матејче и Стрима, во Гевгелија гори мешана шума кај Миравци, а во Чашка шума кај селото Јаболчиште, во близина на местото „Биков Гроб“.

Списокот продолжува: ниска вегетација кај Топлица во Врапчиште, стрниште кај Меџитлија во Битолско, два пожари кај Прилеп – кај Дата-центарот и над вештачкото езеро – повеќе локации во Куманово, меѓу кои и индустриската зона, како и пожари во Студеничани, Сарај и Долнени. Под контрола е ставен пожарот кај Џепиште во Центар Жупа, каде гореле сува трева и нискостеблеста шума.

Меѓу изгаснатите има два записа вредни за второ читање. Во Јурумлери, во Гази Баба, и во населбата Визбегово, во Шуто Оризари, горело ѓубре. Во главниот град, значи, не гори само тревата – гори и ѓубрето.

ЦУК вели дека состојбата се следи и дека екипите продолжуваат со интервенциите на терен. Пожарникарите ќе ја завршат својата работа. Но 46 пожари за еден ден не паѓаат од небо. Колку од нив почнаа од „чистење“ на нива со оган, од фрлен опушок или од нечија намера – и дали некој воопшто ќе го утврди тоа?