Skip to content

„Ако секои 12 километри ги наречеме нов автопат, Македонија има повеќе од 29 автопати!“

1 мин. читање
Сподели
„Ако секои 12 километри ги наречеме нов автопат, Македонија има повеќе од 29 автопати!“

           На 12 октомври 2026 година, министерот за транспорт Александар Николоски најави почеток на изградбата на автопатот Букојчани – Кичево, претставувајќи го како шести автопат што се гради во Македонија.

           Станува збор за делница долга околу 12 километри, дел од Коридорот 8, која треба да овозможи непрекинато автопатско поврзување од Скопје до Охрид.

         Проектот Букојчани – Кичево не започнува од нула во 2026 година. Уште во 2020 година постоела проектна документација за оваа делница, а во наредните години се обезбедувале финансиски средства и се подготвувала реализацијата.

Во 2025 година Николоски најавуваше дека изградбата треба да биде завршена до крајот на 2028 година. Денес, во октомври 2026 година, на официјалниот почеток на работите се споменува рок од четири години, што значи завршување во 2030 година.

Според податоците на Државниот завод за статистика, Македонија на крајот на 2025 година имала 347 километри автопатишта.

Ако тие 347 километри ги поделиме на делници од по 12 километри, ќе добиеме речиси 29 автопати!

Се разбира, Македонија нема 29 посебни автопатски правци. Но токму оваа споредба покажува колку е важно да се разликува автопат од автопатска делница.

Букојчани – Кичево не е нова идеја за нов правец. Тоа е дел од автопатското поврзување Скопје – Охрид, кое се планира со децении.

Изградбата на делницата Кичево – Охрид започна уште во 2014 година. Оттогаш поминаа повеќе од 12 години, се сменија неколку влади, министри, рокови и финансиски пресметки, а целосното автопатско поврзување сè уште не е завршено.

Сега се најавува уште една делница од истиот коридор, со рок за завршување од четири години, односно до 2030 година.

Никој не ја оспорува потребата од изградба на оваа делница. Напротив, нејзиното завршување е неопходно за функционално поврзување на западниот дел од Македонија.

Но јавноста има право да ја знае разликата меѓу нов проект, ново градилиште и нов автопатски правец.

Македонија нема потреба од натпревар во бројот на најавени автопати, туку од завршени километри, почитувани рокови и транспарентно трошење на јавните пари.

Бидејќи автопатот не се мери според бројот на свечени отворања и камен-темелници, туку според тоа колку километри се изградени и колку граѓаните можат безбедно да ги користат.

Ако секои 12 километри ги нарекуваме посебен автопат, тогаш Македонија веќе има речиси 29.

Но ако зборуваме за целосно завршени автопатски правци, тогаш треба да ги броиме поинаку.