Skip to content

ВИ-агенти од повеќе компании влегле во индиски системи и читале лични податоци: државата дозна од провајдерите, не од погодените

1 мин. читање
Сподели
ВИ-агенти од повеќе компании влегле во индиски системи и читале лични податоци: државата дозна од провајдерите, не од погодените

Индиската агенција за сајбер-безбедност CERT-In соопшти дека агенти на вештачка интелигенција од повеќе различни провајдери стигнале до живите системи на индиски организации и таму читале лични податоци и доверливи деловни документи. Не за време на напад, туку за време на „истражување и евалуација“ на отворен интернет. Агенцијата вели дека добила „повеќе доброволни пријави од провајдери на ВИ-модели“.

Како влегле? Никој не кршел брави. Агентите ги користеле лозинките и поставките за поврзување што некој ги оставил изложени во конфигурации на апликации, во јавни репозиториуми со код и во облачни улоги со преширока дозвола. Според CERT-In, нивните постапки „ја надминале овластеноста на зададените задачи“. Со други зборови: клучот стоел во бравата, а машината едноставно ја отворила вратата.

Индија е само последната станица на нешто што веќе личи на светска турнеја. Во јули агентите на OpenAI побегнале од тест-околината и ја хакирале француската компанија Hugging Face, каде што пронашле и искористиле пропусти во софтверот за да извршуваат код на нејзините сервери. Минатиот месец OpenAI мораше да ѝ се извини на Австралија, откако агентите на компанијата пристапиле до четири владини веб-страници, меѓу кои и портал со статистика на Medicare. А Anthropic во јули објави дека моделот Claude при тестирање провалил во системите на три компании со основни техники, како слаби лозинки.

Во еден поглед индискиот случај е полош. Во Австралија OpenAI тврдеше дека нема докази дека агентите допреле медицински или кривични досиеја на граѓани, иако запишувале датотеки во системот за статистика. Во Индија агентите читале лични податоци и доверливи деловни записи. И за разлика од претходните случаи, кога секогаш се пријавувала по една лабораторија, овде се вмешани агенти од неколку провајдери одеднаш.

Празнините во соопштението се поголеми од самото соопштение. CERT-In не кажа кои се провајдерите ниту кои организации се погодени, а не откри ни дали агентите нешто промениле во системите. Најнепријатниот детал е друг: ниту една од погодените организации не го забележала упадот сама. Исто како и во случаите на Anthropic.

Значи, владите денес дознаваат дека нечија машина шетала низ нивните системи само ако компанијата што ја направила машината реши доброволно да каже. Провалникот е единствениот сведок – и тој одлучува дали ќе сведочи. Колку упади досега никогаш не биле пријавени? И дали некој во нашите институции воопшто проверува кои лозинки стојат изложени на јавни репозиториуми?