Skip to content

Над 400 оброци за скопјани во неволја на Денот за искоренување на сиромаштијата: Што прави Градот во останатите 364 дена?

1 мин. читање
Сподели
Над 400 оброци за скопјани во неволја на Денот за искоренување на сиромаштијата: Што прави Градот во останатите 364 дена?

По повод Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со Тони Станковски, претседател на здружението „Љубезност“, подели повеќе од 400 оброци на скопјани на кои им е потребна поддршка. Градоначалникот се приклучи и на штандот на отец Оливер и однесе храна до пунктовите на хуманитарната организација „Св. Спас“.

„Секој човек заслужува достоинство, почит и сигурност дека во тешките моменти нема да остане сам“, порача Ѓорѓиевски, благодарувајќи им на Станковски, на отец Оливер и на волонтерите од „Љубезност“ и „Св. Спас“. Тој истакна и дека солидарноста и грижата за луѓето во тешки ситуации треба да бидат секојдневна обврска, а не само симболичен гест по повод одреден ден.

Со таа реченица тешко е да не се согласиш – и токму затоа таа најмногу кажува. Тежината на оваа работа ја носат волонтерите на „Љубезност“, отец Оливер и „Св. Спас“ – луѓето кои, како што рече и самиот градоначалник, вложуваат „време, труд и љубов за да помогнат“. Прашањето е што Градот прави во останатите 364 дена: колку буџет одвојува за народни кујни и за здруженијата што ги хранат најранливите, и дали поддршката за нив е системска или зависи од тоа кој ден е во календарот?

За оние што ги добија, над 400 топли оброци не се мала работа. Но вистинската мерка за еден град, по зборовите на Ѓорѓиевски, е грижата што ја покажува кон своите луѓе – секој ден, а не само на 17 октомври.