Skip to content

Случајот Михајлова: министерот вели дека е прашање на правдата, а инспекцијата најде прекршоци во здравството

1 мин. читање
Сподели
Случајот Михајлова: министерот вели дека е прашање на правдата, а инспекцијата најде прекршоци во здравството

Министерот за здравство Сашо Клековски се врати од Софија со потпишан План за соработка меѓу двете министерства за 2026-2028 и со една необична дипломатска формула. Со бугарската колешка Катја Ивкова, вели, постигнале „премолчена согласност“ дека случајот со Ива Михајлова не е здравствено прашање, туку прашање на правдата. „Лицето е бегалец од правдата барано со меѓународна потерница. Како што е тоа прашање на правдата, а не здравствено прашање, не го разговаравме“, рече тој.

Премолчена согласност. Значи, на средба на двајца министри за здравство, темата што ги полни насловите во двете држави – не била отворена. Можеби тоа е мудро. Но тоа значи и дека никој официјално не ја затворил.

Од сообраќајка до потерница

На 7 октомври 2025 година, на патот Кочани – Штип, во директен судир на две возила загина 33-годишен маж, а неколку лица беа повредени. Обвинителството ја товари тогаш 23-годишната Михајлова дека возела со преголема брзина и преминала во спротивната лента. Таа и нејзините адвокати го оспоруваат ова и тврдат дека другото возило навлегло во нејзината лента. Во несреќата таа доби тешки повреди на рбетот.

Судот ѝ ги одзеде пасошите и ѝ забрани да ја напушта државата. И покрај тоа, на 11 октомври годинава Михајлова, која има македонско и бугарско државјанство, се најде во Софија, каде што веќе има бугарски адвокат. МВР распиша централна и меѓународна потерница, а Основниот суд во Кочани ѝ определи 30-дневен притвор. Таа тврди дека границата ја поминала легално, преку официјален граничен премин. Ако е така, прашањето за МВР е уште понепријатно: како човек со одземени пасоши и забрана за патување поминува официјална граница?

Прекршоците се во домашниот здравствен систем

Додека политиката го води спорот кон правдата, здравствениот дел од приказната останува дома. Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по иницијатива на Клиниката за неврологија, направи надзор за начинот на кој била лекувана Михајлова кај професорот Иван Барбов, кој ѝ препорачал лекување во Бугарија. „Веќе во оваа фаза има констатирани прекршоци и побаран е стручен надзор за медицинскиот дел од извештајот“, вели Клековски. Министерот побарал надзорот да ја опфати целата патека на нејзиното лекување, вклучително и една приватна здравствена установа.

Барбов претходно изјави дека не знаел оти против неа се води постапка и дека Бугарија ја препорачал затоа што таа има бугарско државјанство и здравствено осигурување, а Бугарија е најблиската држава со методите на лекување што тој ги препорачал. Стручниот надзор сега треба да покаже дали препораката била медицински оправдана и правилно документирана.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, бугарските реакции ги нарече „естрада“ поврзана со „фолклорот“ за нивните претседателски избори и порача дека изјавата на бугарскиот министер за внатрешни работи не заслужува коментар. Добро. Но домашните прашања заслужуваат одговор: како обвинета во судски процес добива препорака за лекување во странство од лекар кој не знае за процесот, и како таа ја напушта државата и покрај одземените пасоши? Тие одговори не се во Софија.