Skip to content

Подната фонтана на плоштадот „Македонија“ повторно пушта вода, Ѓорѓиевски ветува: автомобили „никогаш повеќе“

0 мин. читање
Сподели
Подната фонтана на плоштадот „Македонија“ повторно пушта вода, Ѓорѓиевски ветува: автомобили „никогаш повеќе“

Подната фонтана на плоштадот „Македонија“, по повеќегодишна пауза, повторно пушта вода. Засега пробно: се прават технички проверки, калибрирање и нагодување на системот, информираше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Поважна од водата е реченицата што следеше. Просторот на подната фонтана, вели Ѓорѓиевски, „никогаш повеќе“ нема да биде премин за автомобили и тешки товарни возила, бидејќи плоштадот им припаѓа на граѓаните. Значи ли тоа дека досега баш тоа се случувало, на најпознатиот плоштад во државата, пред очите на сите?

Паралелно тече и темелно чистење на плоштадот и на Камениот мост. „Чистењето не е еднократна акција, туку секојдневна работа. Обновата нè обврзува на трајно одржување“, порача градоначалникот.

Кога фонтаната ќе почне редовно да работи, не е кажано. Ниту кој ќе ја чува од следниот камион. Ветувањето „никогаш повеќе“ е лесно на Фејсбук; потешко е кога ќе треба некој да застане пред возилото што повторно ќе тргне преку неа.