Skip to content

Вардариште угаснато, следува деконтаминација од 2,5 милиони евра: околу 200 луѓе сè уште живеат на депонијата

1 мин. читање
Сподели
Вардариште угаснато, следува деконтаминација од 2,5 милиони евра: околу 200 луѓе сè уште живеат на депонијата

Каде е најблискиот контејнер за рециклирање и кои стојат полни со денови? Сè е на една мапа, со податоци што се ажурираат секој ден.

Отвори го водичот за рециклирање →

Гаснењето на неформалната депонија Вардариште заврши. Следува деконтаминација на земјиштето, а потоа, ако се верува на најавите, парк. Тоа го соопшти независната граѓанска иницијатива „Стоп за Вардариште“, по средба со претставници на Град Скопје.

Добрата вест е што измерените концентрации на метан, според иницијативата, не се толку високи за да го попречат процесот. Лошата е што депонијата сè уште не е целосно стабилизирана. Главниот заклучок во извештајот на групацијата што ја гаснеше локацијата е дека присуството на метан и јаглероден диоксид покажува оти разградувањето на органската материја трае и понатаму.

Деконтаминацијата нема да ја води Градот, туку Владата. За неа се одобрени 2,5 милиони евра, од вкупно 10 милиони евра, од кои 7,5 милиони одат за довршување на колекторскиот систем. Како изведувач е најавена германската компанија WTE, која работи и на пречистителната станица, а надзорот треба да го врши француска компанија. Зафатот треба да опфати околу 600.000 квадратни метри: ископување и отстранување на отпадот, превоз до Дрисла и заштита на подземните води. Работите треба да почнат кон средината на ноември, а да завршат до март 2027 година.

За идниот парк проектот го изработува ЈП „Улици и патишта“ и треба да биде готов на почетокот на следната година, со јавна презентација и можност граѓаните да даваат предлози. Самата изградба, според првичните проценки, би траела седум до осум месеци.

И тука доаѓаме до делот што никој не го става на почетокот на соопштенијата. На Вардариште, во неформални населби, сè уште живеат околу 200 луѓе. Нивното иселување било планирано пред неколку месеци, па одложено додека не се создадат услови. Сега доаѓаат багери, ископување и транспорт на отпад што горел и се разградувал под нив.

Ветено е дека за нив ќе се обезбеди соодветен третман и решение за згрижување. Датум нема. Ако деконтаминацијата почне во ноември, а иселувањето нема рок, кој ќе им објасни на тие 200 луѓе што дишат додека багерите го копаат отпадот?