Skip to content

Маск го пригуши Starlink на фронтот, а Путин го нарече гениј: Украинската одбрана виси на прекинувачот на еден милијардер

1 мин. читање
Сподели
Маск го пригуши Starlink на фронтот, а Путин го нарече гениј: Украинската одбрана виси на прекинувачот на еден милијардер

Сигналот почнал да исчезнува на 13 октомври, долж целиот фронт. Дроновите останале на земја, операциите застанале, а во Црното Море се изгубени и скапи поморски дронови. Илон Маск подоцна јавно призна дека стои зад тоа: Starlink е цивилна комерцијална услуга, напиша тој, а „дупката“ во правилата е затворена.

Тоа го реконструира голема истрага на едно американско списание, направена врз основа на разговори со повеќе од десет американски и украински функционери, војници и експерти. Сè почнува со доверлив допис од 11 октомври до командантите на украинската војска. Откако Доналд Трамп ги ублажил санкциите кон Москва и решил да купува руски дизел, станало јасно дека Киев може да го загуби и Starlink, од кој зависи целата флота борбени дронови.

Предупредувањето стигнало од невладината организација „Народен Starlink“, чиј основач Володимир Степанец напишал дека целосно исклучување ќе предизвика верижен колапс и на крајот руска победа. Висок американски офицер ја потврдил тежината на ситуацијата: „Без Starlink, војната едноставно би запрела.“

„Горете во пеколот“

Маск не се извини. На X напиша дека чувствува „целосен презир“ кон „злите воени хушкачи“ што глумат морал и туркаат бесконечен колеж, а не нудат реално решение. На нив им порача: „Горете во пеколот.“ Неговата теза е дека употребата на Starlink за офанзивни удари со дронови никогаш не била дозволена.

Володимир Зеленски раскажува поинаква приказна. Системот не бил исклучен, туку му е намалена брзината. Киев, вели тој, не го користи за удари внатре во Русија, туку за пресретнување руски млазни дронови што убиваат цивили, за удари врз воени цели на окупираната територија и за доставување храна и вода со дронови до војниците на првата линија. „Тоа е исклучително болно и фрустрирачко“, изјави Зеленски. Сигналот во меѓувреме се вратил, но украинските оператори на теренот знаат дека можат повторно да останат во темница.

Кога американски офицери го прашале SpaceX зошто системот паднал, добиле одговор како од шалтер: Украина мора да премине на значително поскап договорен модел. Обичниот комерцијален Starlink чини околу 30 долари месечно, а воениот Starshield до 25.000 долари по терминал. На бојното поле има над 250.000 терминали на Starlink. Според истрагата, Маск од целосно напуштање на Киев го запира единствено финансискиот интерес.

Од подарени антени до забрана за Крим

На почетокот на војната Маск донираше илјадници антени за болници, топлани и министерства, откако руските проектили ја уништија телекомуникациската мрежа. Потоа украинската војска почна масовно да ги монтира на борбени дронови. Во септември 2022 година лично одбил да го вклучи Starlink во Црното Море, кога Украинците подготвувале изненаден напад со поморски дронови врз руски воени бродови на окупираниот Крим. На својот биограф Волтер Ајзаксон му рекол дека Starlink е создаден луѓето „да гледаат Netflix“, а не за удари со дронови.

За да го смири Пентагон, кон крајот на 2022 година лансирал воена варијанта наречена Starshield, со пари од американската влада. Тогашниот заменик-министер за одбрана Колин Кал уверувал дека тој договор ќе го спречи Маск „да го повлече прекинувачот“. Не го спречил. Starshield сочинувал помалку од еден процент од опремата на теренот, а војската продолжила со обични цивилни антени. Стотици илјади од нив тајно ги финансирале Полска и Германија, под превезот на хуманитарна помош.

Замена нема

Констелацијата има над 11.000 сателити и на пазарот нема ништо слично. Најсериозниот украински обид за сопствен систем доби тежок удар ова лето, кога главниот инженер Дмитро Стеценко ненадејно почина на 46 години. Европските проекти се години далеку од потребниот обем и, парадоксално, за да стигнат во орбита им требаат ракетите на SpaceX, кој контролира 90 проценти од светските капацитети за лансирање товар во вселената.

Во меѓувреме Русија брзо ја развива сопствената сателитска мрежа „Рассвет“, а Владимир Путин на собир во Москва не го криеше задоволството: „Илон Маск е гениј, навистина гениј.“ Додаде дека Москва е во близок контакт со американските колеги, вклучително и со Маск, бидејќи во орбитата е важно да не си пречат.

„Имаме една исклучително опасна слаба точка, а тоа е зависноста од Starlink. Ќе го решиме тоа следната година, но дотогаш Америка има огромна моќ на уцена“, признал украинскиот конструктор на беспилотни летала Денис Штилерман. Договор со Пентагон, пари од Варшава и Берлин и 250.000 терминали, а сето тоа може да го забави еден приватен прекинувач. Што значи тогаш зборот суверенитет за мала балканска држава?