Skip to content

Власта го избриша членот 13 по ветото на Сиљановска, но набавките во четири очи до 10.000 евра остануваат

1 мин. читање
Сподели
Власта го избриша членот 13 по ветото на Сиљановска, но набавките во четири очи до 10.000 евра остануваат

Собранието на 129. седница го усвои амандманот со кој од измените на Законот за јавните набавки се брише членот 13. Амандманот го потпишаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски, Дафина Стојаноска и Бране Петрушевски. Целта е јасна: законот да помине, откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одби да го потпише указот.

Што беше спорно за претседателката

На 4 ноември Сиљановска-Давкова, повикувајќи се на член 75 став 3 од Уставот, испрати допис до Собранието дека нема да ги прогласи измените изгласани на 26 октомври. Нејзината забелешка се однесуваше на мандатите на членовите на комисиите. Досегашното решение предвидуваше пет години со право на уште еден избор, значи најмногу десет. Новата формулација овозможуваше повторно именување без јасна граница. Според претседателката, тоа е правно непрецизно и остава простор за концентрација на моќ врз одлуките за трошење јавни пари.

„Со бришењето на овој член комплетно ги прифаќаме указите од претседателката“, рече Стојаноски, додавајќи дека измените се дел од Реформската агенда и носат дигитални алатки и вештачка интелигенција во Бирото за јавни набавки, за помалку корупција. Убаво звучи. Но ако некому му требаше вето од Водно за да забележи дека мандат без граница е проблем, колку внимателно е пишуван остатокот од законот?

Што остана во законот

Опозицијата предупредуваше на сосема други одредби, и тие не се допрени. Лимитот за набавки без тендер, таканаречените набавки во четири очи, се крева од 5.000 на 10.000 евра. Се укинува обврската за одобрение од Бирото за договори без оглас. Таксата за жалба од фирмите скока од сегашните 5 до 200 евра на 150 до 600 евра, што најмногу ги одвраќа малите фирми. Критериумот „најниска цена“ се трга, а пристапот до податоците за набавки на Бирото треба да стане платен.

„Повторно ли ќе имаме бикови од 100.000 евра?“, праша пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска уште кога бараше законот да се повлече од дневен ред. Нејзиниот колега Фатмир Битиќи сега тврди дека опозицијата токму ова бришење го предложила уште на комисиска расправа и дека ова е можеби прв пат Законот за јавни набавки да се носи без јавна расправа. СДСМ поднесе 2.000 амандмани за да го блокира законот.

Значи, претседателката постави една граница и мнозинството ја почитуваше точно таа една. Сè друго што може да се прави со јавните пари во четири очи останува. Кој ќе ги брои тие 10.000 евра кога договорите ќе почнат да се склучуваат без Биро и без бесплатен увид за новинарите?