Skip to content

Рама ја нагости Иванка Трамп во Валона: Зеленo светло за луксузен ресорт од 1,4 милијарди долари на поранешен воен остров

1 мин. читање
Сподели

Албанскиот премиер Еди Рама ја нагости Иванка Трамп, ќерката на американскиот претседател, во албанскиот крајбрежен град Валона, откако албанската влада минатата година одобри контроверзен луксузен инвестициски проект поврзан со компанија на нејзиниот сопруг Џаред Кушнер.

Како што објави „Јуроњуз Албанија“, Рама и Иванка Трамп имале работна вечера на која присуствувале членови на нејзиниот работен тим, како и архитекти од различни земји, што дополнително ги засили шпекулациите за забрзување на проектот.

Станува збор за луксузен туристички ресорт што треба да се гради на малиот ненаселен остров Сазан, кој во минатото бил строго чуван воен објект и советска база за подморници. Проектот е вреден околу 1,4 милијарди долари и опфаќа површина од 45 хектари.

Предлогот е поднесен од компанијата „Atlantic Incubation Partners“, поврзана со Кушнер, а во декември 2023 година е прифатен од Комитетот за стратешки инвестиции, со кој претседава лично Рама. Албанската влада го прогласи проектот за стратешка инвестиција, што му овозможува забрзани процедури и посебен третман.

Иако властите тврдат дека инвестицијата ќе донесе економски развој и ќе ја позиционира Албанија на мапата на елитниот туризам, дел од јавноста и експертите изразуваат загриженост поради транспарентноста, безбедносните импликации и трансформацијата на поранешен воен простор во ултралуксузна дестинација.