Skip to content

Исекол бандера, почнал да гради на диво – па сам расчистил пред инспекцијата и остана без казна

1 мин. читање
Сподели
Исекол бандера, почнал да гради на диво – па сам расчистил пред инспекцијата и остана без казна

Во сабота граѓани пријавиле дека во Скопје Север човек исекол бандера за улично осветлување и почнал на диво да гради настрешница на јавен простор. Градоначалникот на Општина Бутел Дарко Костовски објави на социјалните мрежи дека следи брза и одлучна акција – рушење на дивоградбата и кривична пријава за сторителот.

Во понеделник инспекторите излегле на терен. Затекнале ослободен простор и нов столб за осветлување. Дивоградбата ја немало. Човекот сам ја демонтирал.

„Дали надвладеал разумот или стравот од соочување со законот, воопшто не е важно. Важно е дека нема узурпација и не е оштетен државен имот“, порача Костовски, додавајќи дека законот важи за сите и дека нема да се дозволи локални шерифи да продаваат сила која во основа е грубо кршење закон.

И казна нема да има

Тука приказната добива саканата поента. Од Општина Бутел појаснија дека објавата на градоначалникот во саботата била само најава за инспекција и санкционирање. Бидејќи саботата е неработен ден, инспекциските служби не можеле веднаш да излезат на увид – тоа било предвидено за првиот нареден работен ден. Во меѓувреме, човекот сè вратил во првобитна состојба. Кога инспекторите пристигнале, немало основ за санкција.

Значи: некој исекол јавна бандера, узурпирал државен имот, почнал да гради без дозвола – и излегол од целата приказна без ниту еден денар казна, само затоа што стигнал да се исчисти пред работно време.

Победа или дупка

Оваа приказна може да се прочита на два начина, и двата се точни.

Првиот: јавната објава сработила. Притисокот функционирал, узурпацијата траела помалку од 48 часа, столбот е вратен, просторот е слободен. Резултат на терен, брзо и без судење.

Вториот е поинтересен. Ако инспекциската служба на општина реагира само во работно време од понеделник до петок, тогаш сите што градат на диво го знаат распоредот. Дивоградбите во оваа држава со децении се дигаат токму викенд, за време на празници, преку ноќ – не поради работната навика на градителите, туку поради работното време на инспекцијата. Тоа не е тајна за никого во градежништвото.

Она што овој случај го покажува не е дека системот функционира, туку дека функционира најавата. Кога градоначалник напише пост, човекот се исплаши. Кога инспекторот дојде во понеделник – веќе немало што да види.

Прашањето за Бутел и за секоја друга општина не е дали објавата вреди. Очигледно вреди. Прашањето е зошто мора да се потпираме на неа, наместо на инспекција што може да излезе во сабота попладне кога навистина се гради.