Skip to content

Дончиќ сака една европска лига, грчката амбасада се жали за транспарент на МЗТ: кошарката што се игра надвор од теренот

1 мин. читање
Сподели
Дончиќ сака една европска лига, грчката амбасада се жали за транспарент на МЗТ: кошарката што се игра надвор од теренот

Дончиќ: „Треба да има една лига“

Додека Евролигата и НБА преговараат за заеднички натпревар, Лука Дончиќ го кажа она што многумина го мислат, а малкумина го велат гласно. „Има Евролига, Еврокуп, па НБА Европа. Тоа се три лиги. Тешко е тоа да функционира. Треба да има една лига“, изјави ѕвездата на Лејкерс за Sports Illustrated. Тој не е неутрален коментатор: ко-сопственик е на Рома, клубот на поранешниот менаџер на Далас Дони Нелсон што игра во Еврокупот, а со комесарот Адам Силвер веќе разговарал за влез на тимот во планираната НБА Европа. „Тој е многу возбуден. Не можам сѐ да ви кажам“, вели Лука. Кога играчите стануваат и сопственици, прашањето е само чија ќе биде таа една лига.

Транспарентот на МЗТ стигна до МНР

МЗТ Скопје го отвори ФИБА Европа купот со пораз од Ираклис со 59:64 во „Јане Сандански“, по тврд меч во кој победникот беше неизвесен до 57:58. Ноа Али Фаракан даде 18 поени за домаќините, исто колку Џејлен Лекју за Солунчани. Но по мечот никој не зборува за кошарка. Навивачите истакнаа транспарент со стих поврзан со химната и карта на т.н. „Обединета Македонија“, Ираклис го пријави случајот кај делегатот уште пред почетокот и најави жалба до ФИБА, а грчката амбасада потврди дека реагирала до МНР, повикувајќи се на Преспанскиот договор. ФИБА не дозволува политички пораки на меѓународни натпревари, па ако дојде казна, ќе ја плати клубот. Прашањето е друго: зошто еден транспарент на кошаркарски натпревар заврши како дипломатска нота?

Панатинаикос со најдобар старт по 19 години

Панатинаикос убедливо го победи Фенербахче и стигна до четврта победа од четири кола во Евролигата – најдобар старт на клубот по 19 сезони, од 2007/08, кога почна со седум победи по ред. Атињаните на полувреме водеа со 46:41, а во последната четвртина предноста стигна до 20 поени. Францускиот двоец го носеше тимот: Матијас Лесор со 19 поени, 8 скокови и индекс 30, и Силвен Франсиско со 17 поени и 7 асистенции, а Најџел Хејс-Дејвис додаде уште 19 поени. Октомври не носи трофеи, но Атина засега ја има самодовербата што ќе ѝ треба во мај.

Евролигата ги казни Црвена ѕвезда и Жалгирис

По второто коло стигнаа и казните. Црвена ѕвезда плаќа 7.000 евра за навредливи скандирања на своите навивачи на мечот со Хапоел Тел Авив. Жалгирис поминува потешко: 30.000 евра и еден натпревар со 80% капацитет и затворени сектори, за транспаренти на мечот со Олимпијакос. Ограничувањето на салата е условно – ќе се изврши само ако Каунас повторно прекрши. Евролигата има јасен тарифник за трибините, и судејќи по сметките, транспарентот е значително поскап гест од скандирањето.

Скопското дерби за ТФТ, Паркер со 31 поен не беше доволен

Во скопското дерби ТФТ го совлада вицешампионот Скопје со 102:98 и дојде до прва победа во сезоната. Домаќините водеа 30:18 по првата четвртина, 52:41 на полувреме и 64:47 во третата, кога изгледаше дека мечот е решен. Не беше: Скопје со серии стигна до 92:90, но ТФТ ги одигра последните минути посигурно. Ѓорѓи Цветковски предводеше со 24 поени, Вајт заврши со дабл-дабл, а Николов додаде 10. Кај гостите Паркер даде 31 поен и 12 скокови – доволно за наслов, не и за победа. За Скопје ова е втор пораз, по оној од Кожуф, а за лански финалист во плеј-офот тоа е аларм што не смее да се игнорира.