Skip to content

Поевтиното гориво го платија инвестициите: вториот ребаланс крати 92 милиони евра од капиталните проекти, а дефицитот останува 753 милиони

1 мин. читање
Сподели
Поевтиното гориво го платија инвестициите: вториот ребаланс крати 92 милиони евра од капиталните проекти, а дефицитот останува 753 милиони

Втор ребаланс на Буџетот во една година. Првиот беше во јули, а сега Владата повторно ја прекројува државната каса: приходите се намалуваат за околу 5,3 милијарди денари, односно 86 милиони евра, и расходите за исто толку. Дефицитот не мрда – останува 46,3 милијарди денари, околу 753 милиони евра или 4,1 отсто од БДП.

Каде исчезнаа парите од приходната страна, не е тајна. Проекцијата за акцизите паѓа од 34,1 на 30,4 милијарди денари, а вкупните даночни приходи од 213,3 на 209,8 милијарди. Тоа е цената на намалените акцизи на бензинот и дизелот и на ДДВ за дизелот, кој од 18 падна на 10 отсто. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска тоа го нарекува директна поддршка за граѓаните и економијата.

Кој ја плаќа поддршката

Ако приходите паднат, а дефицитот остане ист, нешто друго мора да падне. Тоа се инвестициите. Капиталните расходи се кратат за околу 5,7 милијарди денари, или повеќе од 92 милиони евра. Владата уверува дека започнатите проекти не се запираат, туку се одложуваат оние што не почнале или запнале на технички и административни пречки.

Најмногу губат Министерството за енергетика, со околу 1,9 милијарди денари наменети за плаќање договори кон странство, и Министерството за животна средина, со околу 1,5 милијарди. Кратења има и кај Министерството за финансии и Управата за извршување санкции. Повеќе пари, пак, добиваат здравството и социјалната заштита.

Целосен список на проекти што добиваат помалку пари, ниту нови рокови за нив, министерката не даде. А на прашањето за резерви за нова помош, ако цените на енергенсите продолжат да растат, одговорот беше дека такви „буфери“ нема.

Две приказни за една каса

Министерката тврди дека ребалансот не е последица на проблем со ликвидноста и дека парите за плати и пензии се обезбедени. Од СДСМ тврдат спротивното – дека до крајот на годината нема да има пари за редовните трошоци, и дека два ребаланса во една година значат дека проекциите биле нереални уште од почеток. Новите задолжувања, според Владата, се за камати и за враќање на постоечкиот долг.

Бројките, сепак, кажуваат нешто во кое двете страни не можат да се расправаат: за горивото да остане поевтино денес, 92 милиони евра капитални проекти се туркаат за утре, а меѓу најголемите губитници е токму Министерството за животна средина. Можеби тоа е вистинскиот избор. Но кога ќе дојде редот на одложените проекти, кој ќе се сети зошто доцнат?