Skip to content

110 години од Кајмакчалан: во Битола цвеќе на српските воени гробишта и порака од Белград за „вечно братство“

1 мин. читање
Сподели
110 години од Кајмакчалан: во Битола цвеќе на српските воени гробишта и порака од Белград за „вечно братство“

Пред точно 110 години, на 30 септември 1916 година, по 18 дена непрекинати борби, српската војска конечно го зазеде врвот на Кајмакчалан. Во Битола, со полагање свежо цвеќе на Српските воени гробишта, започна дводневното одбележување на битката, во организација на Заедницата на Србите во Македонија – Битола.

Битката се водела од 12 до 30 септември 1916 година меѓу српските и бугарските сили, во рамките на Битолската офанзива на Солунскиот фронт. Врвот на планината Ниџе, на 2.524 метри надморска височина, бил клучот за контрола врз Пелагониската Котлина и патот кон Битола. Војниците се бореле во магла, ледени ветрови и снег, а поради плиткиот слој земја заштитните барикади ги граделе од камени плочи. Врвот неколкупати минувал од едната во другата војска. Цената: околу 5.000 загинати, ранети и исчезнати. На српската страна се бореа Дринската дивизија на полковникот Крста Смиљаниќ и доброволечките одреди на војводата Вук.

„Сите знаете што е Кајмакчалан, знаете што значат српските воени гробишта овде, каде што лежат коските на нашите јунаци. Ако не беа тие, немаше да нè има ни нас“, рече претседателот на Заедницата, Зоран Жугиќ, потсетувајќи дека пред триесет години на одбележувањето доаѓале многу помалку луѓе.

Најсилните зборови дојдоа од Белград. Српската министерка за работа, вработување, борачки и социјални прашања, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, ги нарече гробиштата светилиште и доказ за „вечното братство“ меѓу Македонците и Србите, додавајќи дека 110 години подоцна „сме пред ситуации да треба да се воздржуваме кога говориме дека едни на други сме си најблиски“. Цвеќе положи и заменик-градоначалничката на Битола, Марина Крстиќ, а програмата продолжи со академијата „110 години од Кајмакчалан“ во Офицерскиот дом.

За Македонија, Кајмакчалан е дел од поголема и потешка приказна. Солунскиот фронт беше време кога туѓи армии се бореа на македонска земја, а локалното население ја плаќаше цената на војна што не ја почна. Сеќавањето на загинатите е достоинствено и легитимно. Прашањето е друго: кога ќе се одбележи со иста грижа и она што оваа земја го преживеала додека другите се бореле врз неа?