Skip to content

„Лајка“ не може да се прошири затоа што е дива градба: Ѓорѓиевски бара нова локација за прифатилиштето

1 мин. читање
Сподели
„Лајка“ не може да се прошири затоа што е дива градба: Ѓорѓиевски бара нова локација за прифатилиштето

Градското прифатилиште за бездомни кучиња „Лајка“ не може да се прошири – затоа што е дива градба. Тоа го призна самиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, одговарајќи на новинарско прашање.

„Постоечката локација е на диво изградена во минатото и деталниот и генералниот урбанистички план не дозволуваат да го прошириме капацитетот таму. Бараме друга опција и верувам дека до крајот на оваа календарска година ќе започнеме со процес на доизградба на капацитети, можеби на друга локација што моментално ја утврдуваме“, изјави Ѓорѓиевски. Парите, вели, се обезбедени. Локацијата – не.

Да застанеме на тоа за момент. Јавно претпријатие на Град Скопје работи во објект кој, според зборовите на градоначалникот, бил изграден на диво и не се вклопува во урбанистичките планови. Ако градот бара од граѓаните да градат по план, кој во минатото дозволил сопственото прифатилиште да никне надвор од него? И зошто за тоа дознаваме дури кога треба да се доградува?

Ѓорѓиевски оценува дека е постигнат напредок во справувањето со кучињата скитници, но признава дека проблемот не е целосно решен. Во наредните денови, најави, ќе бидат објавени споредбени податоци за нападите од бездомни кучиња врз граѓаните – пред и по доаѓањето на новото раководство во Градот и во „Лајка“.

Бројките ќе бидат добредојдени, ако се целосни. Но до крајот на годината остануваат десетина недели, а конечна локација сè уште нема. Дали „ќе започнеме со процес“ значи багер на терен – или уште една седница за избор на парцела? Граѓаните што се плашат од кучињата скитници знаат кој одговор им треба.