Skip to content

Митески ја објави граѓанката како пример за дива депонија, таа вели дека подигањето на мебелот било платено: кој прво проверува?

1 мин. читање
Сподели
Митески ја објави граѓанката како пример за дива депонија, таа вели дека подигањето на мебелот било платено: кој прво проверува?

Каде е најблискиот контејнер за рециклирање и кои стојат полни со денови? Сè е на една мапа, со податоци што се ажурираат секој ден.

Отвори го водичот за рециклирање →

„Ова не е невнимание. Ова е неодговорност!“ Со овие зборови градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески, на својот Фејсбук-профил објави фотографии на жена покрај стар мебел оставен на неколку метри од контејнерите. „Среде бел ден“, напиша тој, се создава „нова дива депонија“, а инспекциските служби веќе постапуваат. Повика граѓаните да пријавуваат вакви случаи, по можност со фотографија и точна локација, бидејќи оние што создаваат диви депонии „мора да понесат одговорност“.

Потоа, во коментарите под објавата, се јави жената од фотографиите. Според неа, кабастиот отпад бил уредно пријавен во Општина Аеродром, услугата за подигање била платена, а преземањето закажано за 22 октомври. „Очекувам брзо да си проверите во Општина и инспекција дека сè сум регуларна. И притоа очекувам јавно извинување“, му порача на градоначалникот, најавувајќи и тужба за клевета и јавно посрамување.

Дали услугата навистина била платена, засега не може независно да се потврди. Но токму тоа е проблемот. Тоа е проверка што општината можела да ја направи во сопствената евиденција – пред градоначалникот да стави фотографија на граѓанка на својот јавен профил и да ја прогласи за пример за неодговорност.

Дивите депонии во Скопје се реален проблем и никој не спори дека некој мора да одговара за нив. Но јавното посрамување не е казна од законот, а уште помалку смее да оди пред проверката. Ако градоначалникот бара од граѓаните да пријавуваат „со фотографија и точна локација“, дали општината најпрвин ќе провери дали на таа локација веќе има закажано подигање?

Сега топката е кај Општина Аеродром. Ако жената е во право, ќе следува ли јавно извинување, подеднакво гласно како објавата? Или ќе важи старото правило – обвинувањето оди на насловна, исправката во коментар?