Skip to content

Општина Тетово, која самата е кај извршители, им пушти извршители на граѓаните: блокирани сметки за 2,5 милиони евра долг

1 мин. читање
Сподели
Општина Тетово, која самата е кај извршители, им пушти извршители на граѓаните: блокирани сметки за 2,5 милиони евра долг

Општина Тетово ги блокираше сметките на граѓаните и фирмите што не ги платиле обврските кон неа до 2025 година. Станува збор за неплатен данок на имот кај физичките лица и неплатена комунална такса за фирма кај компаниите. Постапката тргна на 1 октомври, а деновиве стигнаа и блокадите.

Бројките ги кажа Нуредин Деари од Секторот за финансии: граѓаните и фирмите ѝ должат на општината над 300 милиони денари, околу 5 милиони евра. Околу 150 милиони денари, или 2,5 милиони евра, веќе се предадени на извршители. „Ефектот е задоволителен“, вели Деари.

Пред шалтерите за данок на имот сликата е поинаква. Повеќето граѓани не сакаа да зборуваат пред камера. Еден рече само: „Блокиран сум, но не знам од кого и зошто.“ Општината тврди дека уште во септември испратила повик секој да си ја провери состојбата и да плати навреме, за да избегне присилна наплата. Очигледно, повикот не стигнал до сите.

Иронијата е во тоа што Општина Тетово самата е должник пред извршители. Градоначалникот Биљал Касами во септември изјави дека општината склучила договор за одложено плаќање со Министерството за финансии и со околу четири компании, кај кои е поголемиот дел од долгот. „Останува околу 3 милиони кои ќе се реализираат преку извршители“, рече Касами, со цел општината „конечно да излезе од извршители“ за два до три месеци.

Значи, граѓаните ја плаќаат сметката за општина која самата не ги плаќала своите. Законот е закон и данокот на имот треба да се плаќа – тоа не е спорно. Но кога институција која самата чека да излезе од извршители почнува ефикасно да блокира други, праведно е да се праша: дали општината би била толку строга и кон себе кога доцни со плаќањата кон фирмите? И кој ќе му објасни на човекот пред шалтерот од кого и зошто му е блокирана сметката?