Skip to content

Lucid отпушта секој петти работник: електричниот сон се судри со пазарот

1 мин. читање
Сподели
Lucid отпушта секој петти работник: електричниот сон се судри со пазарот

Производителот на електрични автомобили Lucid Motors отпушта 18 проценти од вработените – околу 1.500 луѓе – само четири месеци откако веќе беше намалил 12 проценти од екипата. Компанијата соопшти и дека ја „укина втората смена” во производството во фабриката во Каса Гранде, Аризона.

Резовите се дел од планот на новиот извршен директор Силвио Наполи да ја „поедностави компанијата, да ја заостри извршноста и да ја направи поконкурентна”. Превод од корпоративен на човечки јазик: американскиот пазар на електрични возила се олади, големите производители повлекуваат електрични модели од плановите, а Lucid гори пари побрзо отколку што продава автомобили. Марк Винтерхоф, кој беше привремен директор повеќе од година, ја напушти компанијата, а позицијата оперативен директор е целосно укината.

Сето ова доаѓа додека Lucid се обидува до крајот на годината да го пушти својот прв масовен модел – SUV-от Lucid Cosmos, кој треба да чини под 50.000 долари и да ја однесе компанијата кон профит. Доцна е да се отпушта и истовремено да се ветува спас преку еден нов модел.

Приказната за електричните автомобили со години се продаваше како неминовна иднина. Реалноста е попрозаична: без државни субвенции и со скапи камати, електричниот автомобил е луксуз што многумина не можат да си го дозволат – ни во Аризона, ни кај нас. Кога еден производител отпушта секој петти работник за да преживее, тоа не е знак на иднина што доаѓа, туку на пазар што не сака да ги исполни ветувањата дадени на берзата.