Skip to content

Новата Siri на Apple работи на Google: компанијата што продаваше независност потпиша со конкурентот

1 мин. читање
Сподели
Новата Siri на Apple работи на Google: компанијата што продаваше независност потпиша со конкурентот

Apple денес ѝ покажува на јавноста како изгледа нејзината „вештачка интелигенција” – и најголемата вест е токму тоа што Apple не сака гласно да го каже: новата Siri ќе работи на технологија на Google. Конкретно, на моделот Gemini. Компанијата што со години го продаваше својот софтвер како заграден, сопствен и независен, сега го прави својот најважен ВИ-производ потпрен врз туѓ мотор.

Обновената Siri, според најавите, конечно ќе умее тоа што ChatGPT и Claude го прават веќе извесно време – разговор со контекст, повеќечекорни задачи, длабока интеграција во апликациите. Се очекува и самостојна Siri апликација што директно ќе се натпреварува со истите тие, со опција за автоматско бришење на разговорите по 30 дена, една година или никогаш.

Останатото е каталог на ВИ-функции што Apple ги додава со закаснување: „визуелна интелигенција” во камерата (повторно потпрена на Google пребарувањето на слики), уредување фотографии со обичен говор, автоматско отстранување предмети од сликите, ВИ-агенти во App Store што ќе резервираат маса или ќе уредуваат документ наместо тебе. Apple Wallet добива делење сметки и дигитални пропусници.

Прашањето што ретко некој го поставува гласно на ваквите презентации: ако твојот најголем продажен аргумент со години беше дека сѐ си правиш сам и не им веруваш на другите со податоците на корисниците – што значи кога потпишуваш договор со Google токму твојот гласовен асистент да го напојува? Корисникот добива подобра Siri. Но добива ли поприватна Siri, или само поубаво спакувано присуство на Google во неговиот телефон?