Skip to content

Основачот на Orkut собира потписи за враќање на мрежата што Google ја угасна во 2014: дали нешто воопшто се гради, не кажува

1 мин. читање
Сподели
Основачот на Orkut собира потписи за враќање на мрежата што Google ја угасна во 2014: дали нешто воопшто се гради, не кажува

Orkut почна во 2004 година како страничен проект на Оркут Бујуккоктен додека работел во Google. Мрежата стана огромна во Индија и Бразил, па ја прегази Facebook, а Google ја угасна во септември 2014 година. Сега 51-годишниот основач преку објава на X ги повика луѓето да одат на Orkut.com, да го запишат своето име како поддршка за враќањето и да поканат и други.

Пораката е јасна: алгоритмите и содржините што ги генерира машина ги изеле социјалните мрежи. „Вештачката интелигенција е извонредна технологија, но ја раствора единствената премиса поради која социјалното мрежување беше посебно и вредно за градење: дека од другата страна има човек“, напиша Бујуккоктен во писмото објавено на страницата. И додаде: „Знам како да стигнеме таму: повторно го градиме интернетот што првично го засакавме. Оној со автентични луѓе, вистинска поврзаност и искрена припадност.“

Добро звучи, ама историјата е поинаква. Во 2016 година, две години по гаснењето на Orkut, тој ја лансираше мрежата Hello, за поврзување луѓе според заедничките интереси. Таа се угасна во 2020 година со нешто над 2 милиони преземања, наспроти околу 300 милиони активни корисници што ги имаше Orkut. Во 2022 година на Orkut.com најави дека „гради нешто ново“, без детали. Две години подоцна за WIRED изјави дека работи на мрежа што ќе „користи вештачка интелигенција и машинско учење“ за да ги поврзува луѓето. Таа мрежа не се појави – а сега во неговото писмо токму вештачката интелигенција е главниот виновник.

Што всушност се нуди? Засега список на имиња. Бујуккоктен не кажува дали нова верзија на Orkut веќе се развива, ниту дали воопшто некогаш ќе излезе, а на барањето за коментар не одговори. Список со потписи е најевтиното истражување на пазарот: ако се соберат доволно имиња, ќе има што да им се покаже на инвеститорите.

Носталгијата по интернетот пред алгоритмите е вистинска, и не само во Бразил. Но дали таа е доволна за да ги извлече луѓето од Facebook, Instagram и TikTok, каде што им се пријателите, групите и навиките од десет години наназад? Тоа е прашањето на кое ниеден список со потписи не може да одговори.