Skip to content

Путин потпиша указ: Државата може да ја преземе фабриката ако сопственикот не ја одбрани од дронови

1 мин. читање
Сподели
Путин потпиша указ: Државата може да ја преземе фабриката ако сопственикот не ја одбрани од дронови

Владимир Путин потпиша указ со кој државата добива право да воведе привремена управа врз критичната инфраструктура ако приватните сопственици не ја заштитат од напади со дронови или не ја вратат во функција доволно брзо по удар. Указот носи број 604 и е потпишан на 24 август.

Списокот на што опфаќа не е краток. Горивно-енергетски комплекс, индустрија, телекомуникации, комунални дејности, транспортна и логистичка инфраструктура, енергетика вклучително и нуклеарни објекти, плус сè друго што се смета за витално за безбедноста и функционирањето на државата. Со други зборови, речиси сè што работи.

Механизмот се активира кога властите ќе оценат дека мерките за заштита од беспилотни летала се неефикасни, или кога сопственикот нема да ја обнови работата по удар, или ќе го стори тоа пребавно. Привремената управа може да опфати подвижен и неподвижен имот, хартии од вредност, сопственички удели и други имотни права. Управувањето обично го презема Федералната агенција за управување со државен имот, освен ако Путин не одреди поинаку.

Првиот вицепремиер Денис Мантуров побрза да објасни дека тоа не е национализација и дека нема формална промена на сопственоста, туку целно управување за конкретни безбедносни задачи и без широка примена. Формално, точно. Но кога државата може да ти го земе управувањето со фабриката затоа што самата проценила дека си бил спор во обновата, зборот што стои на хартијата помалку значи од тоа кој ја држи одлуката.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, воопшто не се обиде да ја скрие причината. Указот го поврза директно со сè почестите украински напади со дронови длабоко во Русија и рече дека сопствениците на претпријатијата често занемаруваат соодветни мерки против дронови. Москва, потврди тој, планира да ги заостри барањата кон компаниите околу безбедносните проценки.

Бројките зад тоа објаснување се конкретни. Украина ги прошири ударите врз руските рафинерии и врз логистиката на енергетските објекти, но и врз големите трговски системи. Шест логистички центри на „Озон“ беа нападнати за три дена, од кои четири само на 24 август во повеќе региони. Акцијата на „Озон“ падна за речиси 30 отсто. Указот е потпишан истиот ден кога се случија тие четири напади. Тоа не е случајност во тајмингот, тоа е реакција.

Она што овој документ навистина го кажува е поинакво од она што го кажува Мантуров. Војната што требаше да остане надвор од границите сега бара законски механизам за управување внатре во нив. Кога една држава мора да си даде право да ги преземе сопствените фабрики за да ги одржи во функција, тоа не е знак на сила. Тоа е признание дека ударите стигнуваат и дека системот не држи сам од себе.