Skip to content

Осумдесет отсто од Министерството за транспорт оди на една делница: Кичево-Охрид готов до мај

1 мин. читање
Сподели
Осумдесет отсто од Министерството за транспорт оди на една делница: Кичево-Охрид готов до мај

Најтешката делница од автопатот Кичево-Охрид, долга десет километри, ќе биде пуштена во употреба во следните месеци. Целиот автопат треба да биде готов и предаден во употреба до мај следната година. Ова го најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостување во емисија на Канал 5.

Станува збор за најсложениот дел од трасата – галерии, мостови, вијадукти и најдолгиот тунел во земјава, со две цевки од два и 2,1 километар.

Осумдесет отсто од еден министерски ресор на еден проект

Оваа реченица на Николоски е поинтересна од самиот рок: „Околу 80 проценти од времето и енергијата ги трошиме на Охрид-Кичево, а 20 отсто на другите проекти.” Министерот тоа го кажа како објаснување за наследените проблеми, и веројатно е искрен.

Но застанете на неа. Едно министерство за транспорт на цела држава троши четири петтини од својот капацитет на една делница. Тоа не е податок за успех – тоа е дијагноза колку скапо чинат децениите одложување, ревизии на проекти и менување изведувачи на овој автопат.

Николоски истовремено набројува 1.200 отворени градилишта низ општините, шест автопати што се градат паралелно – што, како што вели, е невидено во историјата на државата – и работа на железничките Коридори 8 и 10. За Коридор 8 кон Бугарија неодамна е одржан меѓуминистерски состанок во Софија, а испратено е и заедничко писмо до ЕИБ и ЕБОР за финансирање на тунелот. Крајот на август носи нови состаноци во Скопје, а студиите за проектот поддржан од Велика Британија треба да бидат готови до 31 август, со очекуван почеток на изградба на почетокот на 2027 година.

Роковите на Кичево-Охрид имаат историја

Секој што ја следи оваа траса знае дека „следните месеци” и „до мај следната година” не се првите датуми што се изговорени. Проектот менувал рокови, влади и министри. Разликата сега е што најтешкиот дел навистина е при крај – тунелите се пробиени, мостовите стојат.

Мај следната година значи дека патувањето кон Охрид конечно би можело да се одвива по автопат наместо по стариот регионален пат. За патниците што летово повторно чекаа во колони кон езерото, тоа е конкретна разлика. Ако датумот издржи.