Skip to content

Последната цевка излезе од Лешница: хидроцентралите во строго заштитена зона на Шара се сопрени

1 мин. читање
Сподели
Последната цевка излезе од Лешница: хидроцентралите во строго заштитена зона на Шара се сопрени

Последната цевка е изнесена од Лешничката Долина. Со тоа е завршено целосното отстранување на цевководната инфраструктура што со години лежеше во едно од најзаштитените подрачја на Националниот парк „Шар Планина“ – материјалот наменет за изградба на двете мали хидроцентрали „Пена 84“ и „Пена 85“.

Од Националниот парк соопштија дека акцијата не завршила само со собирање на цевките што стоеле на површина. Биле откопани и оние што претходно биле закопани, и целосно изнесени од подрачјето. „Денес на трасата нема преостаната цевководна инфраструктура ниту над, ниту под земја“, велат оттаму.

Лешница се наоѓа во строго заштитената зона на паркот и е предвидено да стане дел од идните Натура 2000 подрачја и Емералд мрежата. Значи проектот што требаше да ја пресече не бил планиран некаде на маргините на паркот – бил планиран во неговото јадро.

Тоа е делот што вреди да се задржи во главата. Некој ги издал дозволите. Некој ги довлекол цевките горе и ги закопал. Некој ја отворил трасата во строго заштитена зона на национален парк, и сето тоа поминало низ институции кои постојат токму за да го спречат ова. Отстранувањето трае само затоа што претходно постоела градба.

Од паркот велат дека ова е резултат на подолг институционален процес и координација со надлежните државни институции. Тој подолг процес траел години, а меѓувреме цевките биле дел од пејзажот. Сега следува обновата на просторот и, како што велат, конечното институционално затворање на проектите – што значи дека формално тие сè уште не се затворени.

Победа е. Мала, задоцнета и скапо платена, но победа – и тоа од оние што ретко се случуваат кога станува збор за вода и струја во македонските планини. Прашањето кое останува е дали затворањето на овие два проекта значи дека следниот нема да добие дозвола, или само дека овој конкретно се вратил на почеток.