Skip to content

Седум години по Ласкарци, Врховниот вели дека сè уште не е објаснето кој што направил

1 мин. читање
Сподели
Седум години по Ласкарци, Врховниот вели дека сè уште не е објаснето кој што направил

Седум години по трагедијата кај Ласкарци, предметот се враќа таму каде што веќе бил. Врховниот суд ја укина пресудата на Апелација и го врати случајот на повторно разгледување, со образложение кое не е ни малку дипломатско: судовите не објасниле како, точно, секој од обвинетите придонел за смртта на 16 луѓе.

Автобусот на „Дурмо турс“ се преврте на 13 февруари 2019 година кај село Ласкарци. Шеснаесет патници загинаа, над триесет беа повредени. Првостепената пресуда во јануари 2025 година изрече вкупно 39 години затвор за шестмина обвинети. Апелација во април истата година ги зголеми казните на вкупно 53 години. Врховниот сега вели дека тоа зголемување било направено без соодветно образложение.

Што утврди Врховниот

Според одлуката, Апелациониот суд не одговорил на сите клучни жалбени наводи и не дал конкретно објаснување како постапките на осудените се поврзани со несреќата, ниту со кои докази е утврдена нивната кривична одговорност – иако казните речиси ги удвоил.

Врховниот забележува дека Апелација недоволно ги оценила наводите за водењето на постапката, вклучувајќи го барањето на осудениот М.Т. за повторно вештачење на неговата здравствена состојба.

Уште поостро е забележувањето за првостепениот суд: тој користел претежно описен пристап, главно пренесувајќи извадоци од доказите наместо да објасни зошто тие факти водат до заклучок за вина. Апелација, наместо да ги отстрани тие недостатоци, дала само општи одговори на фундаментални прашања за кривичната одговорност.

Техничката неисправност што никој не ја измерил

Вештачењата утврдиле и грешка на возачот и техничка неисправност на автобусот. Тоа е клучниот јазол во целиот предмет, и токму тој останал неразврзан. „Судот не утврдил во колкава мера таквата неисправност влијаела врз несреќата, ниту како придонела за предизвикување на сообраќајниот инцидент“, стои во одлуката.

Во извештаите нема траги од кочење. Врховниот вели дека и тоа барало појасно објаснување при утврдувањето на причинската врска.

Кој ги издржува казните додека траат враќањата

Возачот Манојил Трифуновски беше осуден на 14 години. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, на 10 години. Раководителот на возниот парк Ремзи Мифтари е во бегство.

Седум години по несреќата, семејствата на 16 загинати немаат правосилна пресуда. Имаат судски одлуки кои се укинуваат меѓусебно, и највисок суд кој вели дека основното прашање – кој што направил и до што тоа довело – сè уште не е одговорено. Тоа не е забелешка на форма. Тоа е признание дека по седум години предметот сè уште не е издржан.

Предметот сега се враќа во Апелација, со инструкција да ги разгледа темелно сите наводи. Во меѓувреме, едниот од осудените е недостапен, а часовникот на застарувањето не застанува затоа што нам ни е непријатно.