Skip to content

Одбраната за „Пулс“ повика 244 сведоци, а на газдата на дискотеката во сабота му истекува притворот

1 мин. читање
Сподели
Одбраната за „Пулс“ повика 244 сведоци, а на газдата на дискотеката во сабота му истекува притворот

Јавното обвинителство ги заврши своите докази во судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани: 1.309 материјални докази, 45 сведоци и пет вешти лица. Сега е ред на одбраната – и таа доаѓа со листа од 244 сведоци, предложени од адвокатите на 34 обвинети физички и три правни лица.

Првото рочиште на кое почнува изведувањето на доказите на одбраната е закажано денеска, во судницата во „Идризово“. Според претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска, досега се одржани 49 рочишта и ниту едно не било одложено. До крајот на годината се закажани уште 15 – шест во октомври, пет во ноември и четири во декември, а последното е на 24 декември.

Правото на одбрана е свето и никој разумен не го спори. Но математиката е едноставна: ако на обвинителството му требаа 49 рочишта за 45 сведоци и пет вешти лица, колку години ќе траат 244 сведоци на одбраната?

Притворот што истекува сам од себе

Паралелно, во сабота, на 3 октомври, законски истекува притворот на првообвинетиот Дејан Јованов – Деко, сопственикот на дискотеката. За дела со максимална казна до 15 години затвор, притворот по закон не може да трае подолго од една година. Одбраната понуди имотна гаранција од речиси 200.000 евра, со образложение дека јавноста треба да биде уверена оти Јованов нема да избега од земјава, иако таква гаранција во оваа фаза не е задолжителна.

Судот, пак, не може да одлучи за гаранцијата без мислење од Јавното обвинителство, а мислењето не стигнува. „До денеска не се вратени од ОЈО. Нема мислење и ние не можеме да одлучиме. На 3 октомври истекува. Ќе почекаме до петок“, информираа од Кривичниот суд. Во сабота судот по службена должност ќе одлучува со какви мерки ќе го обезбеди присуството на Јованов на рочиштата.

Рокот не е тајна – законот го знаат и обвинителите и бранителите. Предметот го застапува тим од 15 јавни обвинители. Зошто тогаш, неколку дена пред рокот, судот сѐ уште нема одговор од нив? И врз што ќе одлучува судот во сабота, ако обвинителството нема став?

Во пожарот на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК, според податоците што се наведуваат во судскиот процес загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Правдата за нив не значи брза пресуда по секоја цена. Значи процес што нема да се распадне на рокови што истекуваат, мислења што доцнат и рочишта што се бројат во години.