Skip to content

110 години од Кајмакчалан: Србите од Битола, со министерка од Белград, ја одбележаа својата „Капија на татковината“

1 мин. читање
Сподели
110 години од Кајмакчалан: Србите од Битола, со министерка од Белград, ја одбележаа својата „Капија на татковината“

Со дводневна комеморативна програма во организација на Заедницата на Србите во Македонија – Битола беше одбележана 110-годишнината од Кајмакчаланската битка. Програмата почна со полагање цвеќе на српските воени гробишта во Битола, продолжи со свечена академија во Офицерскиот дом, а централното одбележување се одржа на самиот врв Ниџе, кај спомен-капелата „Свети Петар“.

Битката се водела од 12 до 30 септември 1916 година на 2.524 метри надморска височина, во рамките на Битолската офанзива на Солунскиот фронт. Во српската историска меморија таа има посебно место: котите на Кајмакчалан, до кои се стигнувало со големо крвопролевање, српската војска ги нарекувала „Капија на татковината“.

Нивото на присуство кажува колку е тоа важно за Белград. На комеморацијата во Битола беше министерката за работа и социјални прашања на Србија, Милица Џурџевиќ Стојковски. Српската православна црква, по благослов на патријархот Порфириј, го испрати викарниот епископ Алексеј, кого во Битола го прими митрополитот преспанско-пелагониски Петар. Од страна на Битола, цвеќе положи заменик-градоначалничката Марина Крстиќ.

„Срцето на нашите дедовци остана на Кајмакчалан, каде што се отвори ‘Капијата на слободата’, а нивната душа остана во татковината во која никогаш не се вратија“, рече Џурџевиќ Стојковски. Претседателот на битолската Заедница на Србите, Зоран Жугиќ, порача: „Ако го заборавиме Кајмакчалан, ќе заборавиме и кои сме, од каде сме и колку е скапа нашата слобода.“

Почитта кон загинатите војници е на место, на која било страна на која било војна. Министерката ги нарече воените гробишта и симбол на блискоста меѓу македонскиот и српскиот народ, и таа блискост е вистинска. Но Кајмакчалан е во битолскиот крај, а Солунскиот фронт се водеше на македонска земја.

Затоа вреди да се праша: дали македонските институции имаат своја приказна за тој фронт и за луѓето од овие краишта што ја поднесоа таа војна, или по сто и десет години приказната ја раскажуваат само други, а локалните функционери доаѓаат да положат цвеќе на нивните одбележувања?