Skip to content

Македониумот отстапен за спот за околу 500 евра: за помалку од една недела паднаа двајца директори во културата, но кој ги избра?

1 мин. читање
Сподели
Македониумот отстапен за спот за околу 500 евра: за помалку од една недела паднаа двајца директори во културата, но кој ги избра?

За помалку од една недела културата остана без двајца директори. Директорот на Националната галерија е разрешен по вонреден инспекциски надзор, поради утврдени неправилности во работењето и нереализиран дел од годишната програма. Директорот на НУ Историски музеј Крушево, Миха Оџаклиески, поднесе неотповиклива оставка по скандалот со снимањето на спотот „Секси мама“ на косовскиот рапер Дон Џони во внатрешноста на Македониумот.

Македониумот, споменикот посветен на Илинденското востание, е заштитено културно наследство. Според Историскиот музеј, продукцијата поднела барање, постоела одлука на Управниот одбор дека просторот може да се отстапува за снимање и за тоа бил наплатен надомест – околу 500 евра. Од Управата за заштита на културното наследство, пак, велат дека до нив не стигнало никакво барање за дозвола за снимањето.

Оџаклиески во оставката тврди дека не прекршил ниту закон, ниту правилник, ниту одлука на Управниот одбор и дека постапката била дел од веќе воспоставена и претходно применувана практика во институцијата. Тоа е можеби најтревожната реченица во целата приказна. Ако отстапувањето на национален споменик за спот било рутина, колку пати досега се случило без никој да забележи?

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе побара разрешување на директорот и на членовите на Управниот одбор и им се извини на граѓаните за пропустот. Оставка потоа поднесе и Управниот одбор. Ова не е првиот проблем со Македониумот годинава: во јули јавноста реагираше на металните конструкции поставени на споменикот, за кои Управата исто така соопшти дека не дала конзерваторско одобрение.

Партискиот клуч пред стручниот

Оџаклиески не беше само директор. Тој е претседател на општинската организација на ЗНАМ во Крушево, коалициски партнер во власта, и е меѓу потписниците на основачката иницијатива на движењето. Кај Националната галерија, пак, при изборот на директорот тогашниот министер Зоран Љутков негираше дека станува збор за политички договор со Вреди, партија од коалицијата ВЛЕН. Според неговото објаснување, сите четворица кандидати ги исполнувале условите, а тројца имале иста „копипејст“ програма.

Тука е суштината. Законот бара диплома, стаж и документација, а комисијата проверува дали кандидатот ги исполнува условите. Но кога неколку кандидати ќе го минат формалниот праг, последниот збор го има политички избраниот министер – и тука процедурата завршува, а почнува политиката. Двајцата директори паднаа брзо. Поважното прашање е по кои критериуми воопшто беа избрани, и од кого.

Оставките и разрешувањата се потребни, но тоа е одговорност по свршен чин, откако штетата е направена. Ако не се смени начинот на кој се избираат луѓето што управуваат со националните културни установи, следниот скандал е прашање на време. А следниот пат можеби нема да се работи за спот, туку за нешто што не може да се поправи со извинување.