Skip to content

60 милиони евра за 150 електрични автобуси со помалку места од старите: ЦГК ги става тендерите под лупа

1 мин. читање
Сподели
60 милиони евра за 150 електрични автобуси со помалку места од старите: ЦГК ги става тендерите под лупа

Државата ќе плати 60 милиони евра за 150 нови електрични автобуси – 57 милиони за возилата и три милиони за станиците за полнење. Новото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) покажува дека автобусите ќе собираат 66 патници: 20 места помалку од автобусите што Град Скопје ги купи последен пат и 30 помалку од оние што ги донираше Европската Унија.

Од ривали до партнери

Набавката се спроведувала трипати во период од 15 месеци. Во вториот тендер унгарскиот „Икарус Електрик“ и кинескиот „Зонгтонг Бас Холдинг“ настапувале како конкуренти. Во третиот доставиле заедничка понуда – и го добиле тендерот. Во победничкиот конзорциум како подизведувач за станиците за полнење е и ЕВН Македонија, а полначите ќе ги произведува германската подружница на кинеската „Сангроу пауер саплај“.

Според ЦГК, со секое поништување понудувачите ги дознавале цените и понудите на конкурентите, што го зголемувало ризикот од координација меѓу нив. Победничката понуда не била најниска – избрана е откако две поевтини понуди биле отфрлени. „Комбинацијата од повторување на тендерот, промени во условите, променлив состав на понудувачите и недостигот на образложение за правените промени во описот на автобусите и полначите создава зголемен ризик од фаворизирање и ограничување на конкуренцијата“, велат од ЦГК. Министерството за транспорт, додаваат, не им ги доставило бараните документи, меѓу кои и анализата врз основа на која била менувана тендерската документација.

Од Министерството одговорија дека постапката била јавна, транспарентна и во согласност со Законот за јавните набавки, а преку електронска аукција е постигната единечна цена од 321.958 евра без ДДВ по автобус. Според нивните спецификации, возилата ќе имаат најмалку 33 седишта и вкупен капацитет од 67 патници. Како соодветна споредба го посочуваат Загреб, каде се набавени 62 електрични автобуси за 56,8 милиони евра.

Загреб е интересна споредба, но не е одговор на прашањето. Ако постапката била толку транспарентна, зошто документите не ѝ се дадени на граѓанската организација што ги побарала? Транспарентност што постои само во соопштение, а не и во архивата, не е транспарентност.

Сала за двојно, игралиште што го нема

ЦГК анализирала уште два случаи. Првичниот договор за спортската сала „Џексон“ во Штип вредел околу 1,1 милион евра, со законско ограничување дополнителните и непредвидените работи да не надминат 20 отсто, односно околу 220.000 евра. Наместо анекс, Општина Штип распишала нов тендер за „дополнителни и непредвидени работи“ вреден околу 1,25 милиони евра со ДДВ – повеќе од самиот првичен договор. Понуда доставила само фирмата што веќе ја градела салата, „Сандра Инженеринг“.

Третиот случај е фудбалското игралиште во Чегране. Договорот од март 2023 година вредел околу 112.000 евра и предвидувал нова трева, реконструирани трибини, наводнување и осветлување. Исплатени се околу 70.000 евра. Речиси три години подоцна, според ЦГК, на теренот нема функционален фудбалски објект, работите стојат од втората половина на 2025 година, а договорот во меѓувреме истекол. Министерството за спорт не одговорило дали презело мерки поради доцнењето.

Институциите се различни, а шемата се повторува: парите заминуваат, контролата доцни, а одговорите не стигнуваат. Скопјани ќе возат во автобуси со помалку места, во Штип вредноста на работите на салата отиде над двојно од првичниот договор, а Чегране има договор, исплата и празен терен. Кој ќе одговара – или повторно ќе чекаме граѓанска организација да ни каже што купила државата со јавните пари?