Skip to content

Изгоре багер на градилиштето за стадионот во Арачиново: градоначалникот вели дека е напад, полицијата ја бара причината

1 мин. читање
Сподели
Изгоре багер на градилиштето за стадионот во Арачиново: градоначалникот вели дека е напад, полицијата ја бара причината

Само неколку дена по поставувањето на камен-темелникот, на градилиштето на новиот помошен стадион во Арачиново изгоре багер. Пожарот е пријавен во полиција рано наутро на 30 септември, околу 02:36 часот. Багерот, марка „волво“, се користел за изградбата и е во сопственост на лице од Батинци. Пожарот го изгаснаа екипите на скопската Противпожарна бригада, повредени нема.

Причината засега не е официјално утврдена, а полицијата презема мерки за расчистување на случајот. Градоначалникот на Арачиново, Даут Беќири, не чека заклучок. За него ова е намерен инцидент и директен напад врз проект наменет за младите и спортот, односно нечиј обид да се попречи изградбата.

„Органите на редот го истражуваат случајот и бараме тој што побрзо да се расчисти. Но, да бидеме јасни – никој нема да нѐ запре. Работите ќе продолжат, проектот ќе се заврши и стадионот за ФК ‘Шкендија’ ќе се изгради. Арачиново го чекаше овој ден 5 до 10 години. Можат да се изгорат машини, но не може да се изгорат волјата и желбата за градење“, порача Беќири.

Проектот опфаќа фудбалски терен и објект со соблекувални за ФК „Шкендија“ од Арачиново, вреден околу 34,5 милиони денари, односно над половина милион евра, кои ги обезбедува општината. Ако времето дозволи, Беќири најави дека теренот би можел да биде готов за два до три месеци. На местото на пожарот поддршка дадоа локални жители и фудбалери на клубот.

Ако некој навистина го запалил багерот за да го сопре градењето, тоа е кривично дело, не политичка порака, и така треба да се третира. Но ако градоначалникот го знае мотивот пред полицијата да ја знае причината, тогаш или знае нешто што треба да ѝ го каже на полицијата, или пребрзал. Кое од двете е точно, ќе покаже истрагата – ако воопшто стигне до име и презиме.