Skip to content

Русија ја гаѓа делтата на Дунав: војната веќе чука на вратата на Романија и Бугарија

1 мин. читање
Сподели
Русија ја гаѓа делтата на Дунав: војната веќе чука на вратата на Романија и Бугарија

Русија и оваа ноќ продолжи со ударите врз украинските пристаништа и врз бродовите што ѝ носат товар на Украина. Овој пат на мета беше Измаил – пристаниште во Одеската област, на украинскиот дел од делтата на Дунав, буквално преку вода од Романија.

Според објавените информации, погодена е пристанишната инфраструктура што се користи за истовар и складирање воен товар, како и стока со двојна намена наменета за украинските сили. Два товарни брода што превезувале воени залихи кон Одеса биле погодени додека пловеле по Црно Море.

Изборот на целта не е случаен. Откако пристаништата на Црно Море се блокирани, главниот тек на товар за украинската војска е пренасочен преку Одеската област и украинскиот дел од делтата на Дунав – кон границата со Романија. Секој удар врз Измаил е, значи, удар врз рутата што завршува на прагот на НАТО.

А тој праг во последните денови се тресе сè почесто. Руски дронови го погодија меѓународниот граничен премин Орловка, на украинско-романската граница на Дунав: зградата се запали, а траектната линија привремено престана да сообраќа. Еден товарен брод се запалил и потонал откако бил погоден во Црно Море, во близина на романскиот брег. Погоден е и патниот мост Мајаки, кој го поврзува регионот со пристаништата во делтата.

Бројките звучат како воена хроника од друг век: пет трговски брода настрадаа за девет дена покрај бреговите на членките на НАТО, од кои три потонаа. Кај бугарскиот брег два товарни брода биле нападнати со дронови – едниот потонал, а од другиот биле евакуирани сите 15 членови на екипажот, соопшти бугарскиот премиер Румен Радев.

Москва тврди дека гаѓа воени товари за украинската војска. Киев ја обвинува дека напаѓа трговски бродови и гранична инфраструктура. Но кога брод тоне пред романскиот или бугарскиот брег, разликата меѓу „воен“ и „цивилен“ товар малку им значи на луѓето што живеат на тој брег. Колку уште ќе се гледа на оваа војна како на туѓа работа, кога нејзините бранови веќе стигнуваат до две членки на ЕУ и НАТО од нашето соседство?

Дунав со векови бил пат на трговијата меѓу Централна Европа и Црно Море. Денес е главната жила преку која се снабдува една земја во војна – и токму затоа стана мета. За Романија и Бугарија ова одамна не е вест од фронтот, туку вест од сопствениот брег.