Skip to content

Македонија ја нема во заклучоците на ЕУ за проширувањето, а Пленковиќ ја користи за да го оправда ветото на Црна Гора

1 мин. читање
Сподели
Македонија ја нема во заклучоците на ЕУ за проширувањето, а Пленковиќ ја користи за да го оправда ветото на Црна Гора

Лидерите на Европската Унија во Брисел конечно ја одржаа стратешката расправа за проширувањето што се чекаше со месеци. Во заклучоците пишува за „континуираната важност на проширувањето како геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот“. Од кандидатите од регионот, по име е спомената само Црна Гора. Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Косово не се наведени.

Ни Црна Гора не го доби она што го бараше. Подгорица сака да ги затвори преговорите до крајот на годината, да го потпише договорот за пристапување во првата половина на 2027 и да стане членка во 2028 година. Наместо јасна поддршка за тој рок, Советот „ја поздравува тековната работа“ на договорот и „ја зема предвид“ намерата на ирското претседателство да работи на привремено затворање на преостанатите поглавја. Аналитичарот Ади Чемерагиќ од Европската иницијатива за стабилност исходот го опиша кратко: „многу врева за ништо“.

Хрватска лекција по туѓ грб

Најдиректно Македонија ја спомна хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, но не за да ја поддржи. Тој ја искористи долгогодишната блокада на Скопје како аргумент дека Загреб е конструктивен кон Црна Гора, иако ѝ поставува осум услови. „Постојат две држави, кои од 2005 до 2026 година одзедоа 21 година од институционалното приближување“ на Македонија, рече Пленковиќ, додавајќи дека Хрватска „не го презеде тој пристап“.

Така, од Македонија на самитот остана само улогата на предупредувачки пример во туѓа реченица. Кога сосед што блокира се оправдува со тоа што некој друг блокирал подолго, колку вреди принципот дека секоја земја напредува според сопствените заслуги?

Високата претставничка Каја Калас порача дека е „навистина важно да не го билатерализираме процесот на проширување“. Убава реченица, изговорена додека Хрватска ја држи Црна Гора, Унгарија и Бугарија ја држат Украина, а Бугарија ја држи Македонија.

Австрија нуди пазар пред членство

Единствената свежа идеја дојде од Виена. Австриската министерка за надворешни работи Беате Мајнл-Рајзингер предлага кандидатите постепено да добиваат пристап до делови од единствениот европски пазар штом ќе ги исполнат реформските услови, наместо да чекаат крај на целиот процес. „Ако ги оставиме земјите кандидати предолго да чекаат, не треба да се изненадиме ако други го пополнат тој простор со сопствени правила, пари и влијание“, предупреди таа.

За Македонија тоа звучи примамливо, но не ја менува суштината. Од европска страна и натаму важи ставот дека уставните измени се услов за формален почеток на преговорите. Премиерот Христијан Мицкоски, пак, повторува дека не сака отстапки без јасна перспектива. „Нема никогаш да влезам во таков процес без да знам дека има крај“, рече тој во телевизиско интервју.

Ноември носи нови извештаи за кандидатите и патокази за четирите земји што предничат: Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија. Македонија не е на тој список. Меѓу уставните измени што ги бара Брисел и гаранцијата што ја бара Скопје, земјата останува во чекалницата во која седи од 2005 година.