Skip to content

Свитолина и Монфис се разделуваат по пет години брак: тенисерката вели дека немало трето лице, туку војната во Украина ја оддалечила од самата себе

1 мин. читање
Сподели
Свитолина и Монфис се разделуваат по пет години брак: тенисерката вели дека немало трето лице, туку војната во Украина ја оддалечила од самата себе

Елина Свитолина и Гаел Монфис, двојката што навивачите ја сметаа за најомилена во тенисот, ставија крај на бракот. Се венчаа во 2021 година и имаат ќерка Скај, која има четири години. Свитолина објавата ја нарече „најтешкото нешто што некогаш сум морала да го споделам“.

Она што оваа разделба ја прави поинаква од стандардните соопштенија на славните е причината. Според неа, во приказната нема трето лице, а љубовта не се истрошила. Причината е војната. Украинската тенисерка, освојувачка на бронзен медал на Олимписките игри во Токио, признава дека ретко зборувала за тоа како војната во нејзината земја ја менувала однатре.

Минатата година се повлече од теренот затоа што, како што вели, не била во добра емоционална состојба. Публиката го гледаше резултатот. „Она што не го видовте беа непреспаните ноќи“, напиша таа, опишувајќи сомнежи и постепено губење на самата себе. Заклучокот до кој дошла е суров: патот назад кон себе мора да го најде сама, надвор од бракот.

Монфис, кој во меѓувреме се повлече од професионалниот тенис, според нејзините зборови бил покрај неа во најтешките месеци и никогаш не ѝ ја пуштил раката. Двајцата долго се бореле бракот да го спасат. Не успеале. „Гаел ме слушна“, вели Свитолина, и додава дека покажал сила и достоинство што никогаш нема да ги заборави. Од Монфис засега нема посебна изјава.

Летово двајцата уште играа заедно во мешани двојки на US Open. Неколку месеци подоцна, пораката гласи: „Секогаш ќе бидеме нејзини родители, рамо до рамо“. Свитолина бара разбирање и простор да закрепне – без да бара виновник.

Балканот знае дека војната не завршува кога ќе престанат сирените. Продолжува да живее во луѓето, и тогаш кога се на илјадници километри од фронтот. Колку бракови и пријателства низ Европа тивко ги кине истата војна, без камери и без соопштенија?